По репрезентативната пауза следува пеколна недела за најтрофејниот хрватски клуб, Динамо (З), во која „сините“ имаат три тешки натпревари.
Едно дерби е зад нив бидејќи истото дерби го одиграа минатиот викенд на „Максимир“ против Риека во кое успеаја да освојат само еден бод. Сепак, нема време за подетална анализа бидејќи играчите на Динамо (З) имаат уште два исклучително тешки предизвици.
За неколку часа „модрите“ ќе го стартуваат дуелот во Лигата на шампиони и тоа против германскиот бундеслигаш Борусија од Дортмунд.
„Сините“ се во серија од три меча без пораз, а имаат две последователни победи во ЛШ. Јасно е дека Борусија е фаворит во Загреб, но избраниците на Ненад Бјелица не треба само така да се отпишуваат.
По пресметката со Борусија фудбалерите на Динамо ќе имаат само неколку дена одмор, бидејќи во недела не очекува најголемото хрватско дерби кое се игра на „Пољуд“.
Хајдук пред своите навивачи ќе го пречека Динамо во пресметка на екипи кои и оваа сезона се главни фаворити за титулата хрватски шампион.
Сепак, иако пред „сините“ се неколку пеколни денови, се чини дека не недостига самодоверба во соблекувалната, а тоа најдобро го покажа поранешниот репрезентативец на Македонија, Стефан Ристовски.
Пред мечот со бундеслигашот, еден од новинарите го праша Ристовски дали повеќе би сакал Динамо (З) да победи во среда или недела против Хајдук, а неговиот одговор ги воодушеви навивачите на клубот од „Максимир“.
„Ќе ја победиме и Борусија и Хајдук. Ни претстои сериозен противник од висок профил. Ни претстои тежок натпревар и мораме добро да се подготвиме, а потоа да ја покажеме вистинската енергија на теренот. Знаеме дека играта со Риека не беше совршена, но навивачите мора да разберат дека овој распоред е исклучително тежок бидејќи имаме и многу репрезентативци“, изјави Ристовски.
Кога станува збор за домашниот шампионат, тимот од „Максимир“ е трет со бод помалку од Риека, а четири од лидерот Хајдук.