По неколкугодишна пауза, екипата на Работнички ќе игра во квалификациите за ФИБА Еврокупот, а од таборот на нашиот клуб веруваат во добра сезона, како на домашна така и на меѓународна сцена.
- Оваа сезона имаме посериозна екипа, неколку нови засилувања. Домашниот терен и квалитетот со кој располагаме ни дава за право да се надеваме на прво место во претстојните квалификации, иако постои можност и како второпласирани во групата, да продолжиме во меѓународните натпревари. Мислам дека сме добро подготвени. Екипата е направена порано за да има време за воигрување. Четириесетина дена сме во тренажен процес. Размислуваме за сериозни успеси и верувам дека со нашите навивачи можеме да го постигнеме тоа. Одиме натпревар по натпревар. Со стабилниот буџет и поддршката од двата големи спонзори општината Центар и МТЕЛ мислам дека можеме до успеси, изјави спортскиот директор на тимот од Градски парк, Тодор Гечевски.
На претстојните натпревари со Рапид Букурешт (Романија), Сахах (Азербејџан) и Донар Гронинген (Холандија) европско деби во дресот на Работнички ќе има еден од најдобрите млади македонски кошаркар, Андреј Шошкиќ.
- Имаме подобра екипа од лани и со тоа амбициите се поголеми. Хемијата во тимот ја градиме цел месец. Сите заедно се стремиме кон врвот и очекувам да ги оствариме нашите цели, додаде Шошкиќ.
Квалификациите за ФИБА Евро купот ќе се играат во СРЦ „Кале“ во Скопје од 2 до 5 октомври.