Инфлацијата секој месец поставува нов рекорд и се повеќе ја празни потрошувачката кошничка. Во споредба со ланскиот, овој јуни трошоците за живот скокнаа за 14,5 проценти, а цените во просек пораснаа за 13,7 проценти. Тоа за стотина евра ја поскапи потрошувачката кошница што ги содржи само најнеопходните трошоци за егзистенција, во услови кога минималната плата се зголеми за педесетина, а најголем дел од другите примања останаа зацементирани на ланско ниво.
Државниот завод за статистика само го потврди она што ги вџашува граѓаните при секое влегување во продавница. Најголем измерен раст има токму кај прехранбените производи кои се најнеопходни. Цената на маслото за јадење за една година скокна за 50 проценти, лебот е поскапен за над 30 проценти, млекото, јајцата и зеленчукот за 20, а месото за над 18 проценти. Најстрашно е тоа што овие цени и понатаму одат нагоре, а допрва доаѓа најголемиот удар по семејниот буџет – новата цена на струјата, за која првите сметки ќе стигнат за две-три недели. Цените на горивата на дневно ниво одат нагоре-надолу, но сите се согласни дека никогаш нема да се вратат на старото ниво.
Просечно земено, храната е поскапена за 21 процент, а најголем раст на цените последнава година има кај транспортот, за над 30 проценти.
Потрошувачката синдикална кошница што ги содржи основните прехранбени продукти и пијалаци за едно четиричлено семејство, сметките за комуналии и трошоците за домот, за превоз, за одржување на здравјето, за набавка на неопходните облека и обувки и колку да не е и без тоа, минимум за култура и рекреација, во јуни изнесува 39.710 денари и од почетокот на годинава е поскапена за 3.400 денари.
Речиси половина од трошоците за кошничката сега отпаѓаат на храна и пијалаци. За основните продукти се потребни 17.613 денари, или цела минимална плата без некој денар. Од другата половина третина се троши за плаќање на сметките. За другите потреби на семејството, предвидени се ситни пари, се разбира ако останат. На пример за одржување на здравјето на оние кои имаат примања колку кошничката, им остануваат помалку од 800 денари.
Последната објавена просечна плата во државата е 32.525 денари. Тоа значи дека и оние семејства во кои месечно се собира една просечна плата живеат со полупразна минимална потрошувачка кошница. Нејзиното полнење е невозможно и со две нови минимални плати од по 18.000 денари. А во неа ги нема кредитите кои ги отплаќа огромен број домаќинства.
(С.В.)