Во рамките на „Македонијо, во срце те носиме“, Бојана Скендеровски, ДНК, Сузана Спасовска, Огнен Здравковски, Ламбе Алабаковски, Наум Петрески, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска, Зуица Лазова, Миле Кузмановски… во живо, во 12 наши града, ќе ги пеат патриотските песни во ново, модерно музичко руво, кои предизвикуваат бура од емоции кај секој вистински Македонец
Наближува среда, среќниот ден 6 септември, кога започнува големиот и единствен македонски патриотски музички карван „Македонијо, во срце те носиме”. Без дилема, тоа ќе биде убаво другарување меѓу пејачите, музичарите и публиката и медиумите, а ќе започне во Штип.
–
Пред распеаните штипјани патриоти, во живо ќе бидат испеани добро познатите македонски патриотски песни во ново, модерно музичко руво, во кое ги „обои“ битолчанецот, маестро Николче Мицевски: „Заветна”, „Налеј, налеј”, „Народе македонски”, „Едно име имаме”, „Земјо македонска”, „Ој Вардаре”, „Оган да го гори”, „Послушајте, патриоти”, „Ми заплакало село Ваташа”, „Море сокол пие”, „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов”, а од златните грла на: Бојана Скендеровски, ДНК, Сузана Спасовска, Огнен Здравковски, Ламбе Алабаковски, Наум Петрески, Андријана Јаневска(со Игор Џамбазов), Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска, Зуица Лазова, Миле Кузмановски…
–
По гостувањето во градот под Исарот, карванот продолжува за Битола, на 13 септември, Велес на 20, Прилеп на 27, Кочани на 1 октомври, Тетово на 4, Кавадарци на 8, додека, како што се вели популарно или ако сакате поедноставно, карванот ќе заврши на Денот на народното македонско востание, на 11 Октомври, воедно и државен празник, каде, ако не во македонската метропола, Скопје.
–
„Продукција Скендеровски“, која е организатор на карванот, покрај пеењето и настапот на пејачите, најавува и премиерна видеопроекција на песните на големите видеобимови на градските плоштади. – Тоа е обемна работа, но благодарна. Бидејќи станува збор за македонски патриотски песни преку кои, пред сè, на најмладата публика ѝ се доближуваат уште повеќе патриотските чувства, се зацврстува врската со родната татковина, која во ова време-невреме се наоѓа на раскрсница и која ќе ја одбраниме и на ваков начин, со песна, со заеднички сили – порачуваат Бојана (која моќно ја пее „Заветна“, една од највпечатливите патриотски песни, потенцијално нова македонска химна) и првиот човек на продукцијата, Васко Скендеровски.
–
–
–
Тоа го потврдуваат и еден тон позитивни реакции и коментари од публиката преку социјалните мрежи, кои може да се стават во еден коментар кој кажува сè што треба:
– Многу сме среќни ние – публиката, ние – народот што заедно со нашите уметници во живо ќе ги пееме тие наши патриотски песни. Песни што директно удираат во срцето и душата. Предизвикуваат големи емоции, со што солзите самите капат по лицето. Ќе пееме и ќе ја славиме нашата прекрасна земја Македонија! Дојдете на овие концерти, влезот е слободен и отворен за секој искрен македонски патриот!!!
Дуле Миќиќ / фото:архива