Цела Влада во условена оставка – има ли живот после фотелјата?!

769

Манифест, Декларација, оставки, и нови оставки – расте притисокот за уставни измени точно седум дена пред најавеното гласање. Освен министрите од ДУИ, оставки- исто така условени, најавуваат и министри од СДСМ, но и од Алијанса за Албанците.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, деновиве најави дека  партијата е подготвена да ја напушти Владата, доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени.

„Во овој важен период за државата, ако ВМРО-ДПМНЕ кажат дека Алијанса за Албанците треба да излезе од Владата и гласаат за уставни измени, Алијанса не утре, туку денеска целосно ќе ја напушти Владата. Нека кажат, нека направат проширена Влада, нека се изгласаат уставните амандмани, и веднаш одиме на избори“, рече Таравари, во гостувањето на „Клик плус“ на ТВ21.

Излегување на ДУИ од Владата беше можност која првично беше изнесена на лидерската средба помеѓу Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски. Пред повеќе од два месеца, двајцата лидери седнаа на заедничка маса, од каде што беше испратен сигнал дека работите може ќе се поместат од мртва точка.

Ковачевски тогаш изјави дека на Мицкоски му понудил да ги изгласаат уставните измени и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата со пет министерски места. Ни тогаш, ниту сега нема информација кои ресори им ги понудил премиерот на опозиционерите. Во исто време, се шпекулира дека следната недела, по завршувањето на летните одмори, петмина министри од СДСМ ќе поднесат условени оставки, исто како што тоа го направија министрите на ДУИ.

И покрај декларативните отстапки со кои власта сака да покаже дека е спремна на компромис, опозицијата не го менува ставот. И вчера од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека уставни измени под вакви околности нема да прифатат, а единствениот консензус кој може да биде прифатлив за нив е за предвремени парламентарни избори.

Како се приближува денот за седница за уставни измени, владејачката СДСМ,  речиси секојдневно ги повикува сите партии, да дадат поддршка на Манифестот за преговорите со Европската Унија, во кој е опфатена и потребата од изгласување на уставните измени.

„Манифестот за преговорите со ЕУ зад кој застанаа СДСМ и сите политички партии од парламентарното мнозинство е добра основа за обединување на европскиот пат. Ги повикуваме сите политички партии, а особено ДПМНЕ да дадат поддршка на овој важен документ за европската иднина. Следствено на манифестот  треба да се случат и уставните измени зад кои треба да застанат сите политички партии и пратеници кои и мислат добро на државата“, порача и вчера Дарко Каевски, од СДСМ.

Чекајќи го манифестот, од најголемата опозициска партија вчера прашаа што се случи со Декларацијата што ја најавија пред Илинден.

„Во ВМРО-ДПМНЕ сè уште го чекаме текстот на Декларацијата за Илинден, којашто СДС ја најави пред речиси цел месец, во насока на заштита на државните интереси и значењето на Илинден за Македонија и македонскиот народ. Декларацијата СДС ја најави пред прославата на Илинден, а оттогаш има само молк и за неа и за ставовите искажани од Софија за Илинден. И оттука прашуваме дали СДС по најавата им е забрането или се исплашија и да состават Декларација со таква содржина или, пак, се исплашија самоцензурираа, и со тоа ја излажаа македонската и меѓународната јавност?“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Барајќи го неопходното двотретинско мнозинство, власта првично повикуваше на компромис до крајот на ноември, кога и завршува скрининг процесот, но во последниот период се менува реториката, а можноста за уставни измени се пролонгира. Одлагањето најпрво го најави собранискиот спикер Талат Џафери, кога рече дека има можност изјаснувањето за отворање на највисокиот правен акт да се одлага сè додека не се обезбедат потребните 80 пратеници. Потоа и премиерот Димитар Ковачевски изјави дека кога земјава ќе го заврши процесот на скрининг, тогаш Европската Унија ќе чека да ги завршиме уставните измени. Најдолг рок за промена на македонскиот Устав даде министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој деновиве во телевизиско интервју изјави дека реалниот рок за уставните измени е крајот на мандатот на овој Парламент, до кога власта ќе бара поддршка кај пратениците.     (Ј.Ц.Г.)