Христовски ги отфрли обвинувањата: Одговорно тврдам дека ги исполнувам сите законски услови за директор на АНБ

107

Одговорно тврдам дека во целост ги исполнувам сите законски услови за именување на оваа позиција. Имам скоро дводецениско искуство во безбедносниот сектор, од кои околу десет години раководен стаж во УБК и МВР.

Ова меѓу другото во интервју за „360 степени“ го вели новиот директор на Агенцијата за национална безбедност – Бојан Христовски.

Според него, обвинувањата и изјавите од одредени политички партии, базирани на шпекулации и претпоставки, се дневнополитички теми и оти не би сакал да коментира „бидејќи секој мој коментар би значел одговор и дополнително навлегување подлабоко во теми во кои не е потребно да се навлезе“.

– Законот е тој, донесен е во 2019 година со изгласување од страна на двотретинско мнозинство во нашиот Парламент. Најпрво и најважно за мене е законот да биде почитуван, како од мене така и од сите вработени во Агенцијата и сите други учесници во системот што треба да го почитуваат. Факт е уште една работа – дека веќе година дена или откако се вратив односно пред да бидам вратен во Министерство за внатрешни работи, со моја официјална изјава за повлекување од членство и секаква друга припадност кон партиските структури, се повлеков од ВМРО-ДПМНЕ и оттогаш па наваму немам апсолутно никакви партиски, политички активности. Но, треба да се запрашаме и за уште една работа – доколку кај мене случајот е една година од повлекувањето да сум именуван за директор од страна на Владата, во случаите на претходни двајца директори немаше поминато ниту еден ден од нивните политички или партиски активности, па дури се сомневам и дека во текот и на нивното работење биле под политичко влијание и дека истото го пренесувале во вид на притисок на вработени во службата. Тие сомневање и индиции ќе бидат дополнително проверени следниот период – вели Христовски.

За известувањето на ДКСК дека е отворен предмет по анонимна претставка за назначувањето на Христовски за директор на АНБ, тој одговори дека е отворен за соработка зашто е легалист, иако најверојатно главните прашања на Антикорупциска ќе бидат насочени кон Владата.

– Моето формално отчленување од партија е проследено со моја апсолутна политичка неактивност во изминатиов период, а посебно тоа ќе биде покажано на дело од првиот ден на моето именување, па во следниот период. А тоа Владата, институциите и граѓаните ќе може да го видат на дело, а тие дела ќе бидат зачувување и подобрување на безбедноста состојба во државата односно единствена надлежност што ја има Агенцијата – внатрешната безбедност на државата – изјави Христовски.

Христовски повтори дека поседува безбедносен сертификат од степен „строго доверливо“ што е ниво под „државна тајна“.

– Безбедносен сертификат за одредена категорија на пристап до класифицирани информации се добива кога работникот или именуваното лице има потреба од пристап и ракување со одреден степен на класификација, односно сертификатот не се бара и не се доделува за потенцијално назначување на позиција, туку откако лицето ќе биде назначено на тоа место – вели Христовски.