Хрватска премиера на „М“ на Пулскиот филмски фестивал

31

Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија ќе ја има својата хрватска премира во рамките на официјалната конкуренција за наградите „Златна арена“ на годинешното 71. издание на Пулскиот филмски фестивал.

Дистописката бајка за загубеното момче во опустошениот свет на нашата блиска иднина, чиј мнозински продуцент е Дарко Попов од „Фокус покус филмс“, е реализирана, меѓу другите, во копродукција со хрватската „4Филм“ продукција и Хрватскиот национален аудиовизуелен центар.

Филмскиот фестивал во Пула, со мотото „Филм под ѕвездите“, е еден од најстарите и водечки регионални фестивали. Основан во далечната 1954 година, овој настан континуирано се одржува до денес, со две откажувања во 90-тите, за време на воените превирања низ регионот.

Започнат како смотра на најзначајните домашни остварувања од времињата на поранешна Југославија, во последните декади, програмата на Пулскиот фестивал се трансформира и распределува во две натпреварувачки категории – за хрватска продукции и копродукции, како и интернационална селекција.