Хрватска не може да опстане без странски работници: Просечната плата мамка за странци

211

Се проценува дека годинава Хрватска ќе издаде меѓу 160 и 180 илјади дозволи за престој и работа за странски работници, бидејќи побарувачката за нив е голема, особено во градежништвото и туризмот, беше речено на тркалезната маса на Хрватската стопанска комора.

Побарувачката за странски работници расте и хрватската економија не може да опстане без нив, вели директорката на Загреб Сити Хотели, Јосипа Јут Ферлан.

„Минатата година се издадени 124.000 работни дозволи, што е за речиси 51,5 отсто повеќе од 2021 година“, изјави претседателот на Хрватската стопанска комора во Загреб, Јосип Захер.

Тој додаде дека дозволи за престој и работа се издаваат најмногу во градежништвото и туризмот, а се повеќе во логистика, складирање и трговија.

Исто така, Захер смета дека Хрватска во иднина ќе стане интересна дестинација за оние кои сакаат да работат надвор од својата земја. „Големиот натпревар започна. Така е и со работниците во логистика, градежништво и туризам“, вели Захер.

Државниот секретар во Министерството за труд Иван Видиш вели дека целта на измените на Законот за странци е да се зголеми уделот на квалитетна и квалификувана работна сила, но и да се олесни дополнителниот административен товар.

Побарувачката за странски работници расте, рече Видиш, но и дека Хрватска станува се поинтересна поради се поконкурентните плати. „Просечната нето плата од 1.095 евра е голема мамка за странските работници“, рече тој.

„Се повеќе работници престојуваат во Хрватска, па од 124.000 работни дозволи лани, имавме зголемување за 27.000. Се гледа дека сме се попривлечни за странските работници, па расте и уделот на оние што остануваат“, вели Видиш.

Во однос на потеклото на странските работници, 60 отсто од нив и понатаму доаѓаат од соседството и од поширокиот регион, појасни Видиш и наведе дека најмногу странски работници доаѓаат од Босна и Херцеговина, а потоа следат Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија.

Меѓутоа, во последните година-две работници доаѓаат и од Непал, изјави државниот секретар на Министерството за внатрешни работи (МВР) Жељко Катиќ.

За оваа година Катиќ проценува дека ќе издадат најмалку 160-180 илјади дозволи за странски работници.