Триесет и петгодишниот Нино Ченгиќ, професор по англиски јазик во Економското училиште во Вараждин претепан е до смрт ноќта петок кон сабота, од четворица млади луѓе, меѓу кои и една девојка.
Насилниците го претепале со дрвени палки и го оставиле да лежи на асфалтот, а го пронашле случајни минувачи дури утрото и итно го одвеле во болница, каде им пдолегнал на тешките повреди, пишуваат хрватските медиуми.
Хрватската полиција брзо ги идентификувала напаѓачите и соопшти дека станува збор за четворица осомничени. Станува збор за 24-годишна девојка и тројца машки лица на возраст од 20, 25 и 29 години.
Сите четворица се во притвор и ќе бидат обвинети за убиство. Засега нема потврдени информации за мотивот за убиството, но полицијата истражува дали тие се знаеле од претходно.
Според информациите на „Јутарњи лист“, убиениот ја поминал вечерта заедно со напаѓачите во здружението „Културана“. Што се случувало таму што резултираше со смрт на професорот, сè уште не е познато. Но, се шпекулира дека наводно професорот го пријавил друштвото во „Културана“ за кршење на епидемиолошките мерки.
Шокирани се и колегите на Ченгиќ.
-Страшно. Децата го обожуваа. Им беше класен на матурантите, изјавил вработен во училиштето за „24сата“.