Хрватска го користи хаосот во белгиската репрезентација

104
epa10322288 Luka Modric (R) of Croatia reacts after the FIFA World Cup 2022 group F soccer match between Morocco and Croatia at Al Bayt Stadium in Al Khor, Qatar, 23 November 2022. EPA-EFE/Abir Sultan

Пред почетокот на Мундијалот во Катар, репрезентацијата на Белгија важеше за еден од главните фаворити за победничкиот трофеј, но таквите најави не станаа реалност на зелениот терен. После среќниот триумф над Канада (1:0) во првото коло, четата на Роберто Мартинез беше надиграна во второто и сосема заслужено со 2:0 поразена од селекцијата на Мароко. Поради неочекуваниот кикс, Белгија денеска има обврска да слави во дерби пресметката против репрезентацијата на Хрватска, која за разлика од „ѓаволите“, пласман во 1/8 финалната рунда ќе обезбеди и доколку натпреварот заврши без победник. Проблем плус за Белгијците е и лошата атмосфера во соблекувалната. Медиумите открија дека Азар не разговара со Тросард, Де Бруин со Куртоа, а Лукаку не комуницира со Бачуај.

  • Нема многу вистина во информациите кои се пласирани во јавноста. Точно е дека имавме состанок и за време на истиот, ние фудбалерите, разговаравме на многу теми. Секој си кажа што мисли за моменталната ситуација, а присуствуваше и нашиот селектор Роберто Мартинез. Имам малку време за да се подготвиме за дуелот против Хрватска. Ќе дадеме се од себе за да победиме, изјави капитенот на Белгија, Еден Азар.

Во лоша ситуација е и репрезентацијата на Германија која мора да слави во дуелот против селекцијата на Костарика, но и со триумф можно е „панцирите“ да доживеат елиминација од завршниот турнир. Таквото црно сценарио ќе стане реалност за избраниците на Ханси Флик доколку вториот натпревар од групата „Е“, помеѓу селекциите на Шпанија и Јапонија, заврши со триумф на Јапонците.

  • Некој да ни понудеше ваква ситуација после две одиграни кола, најверојатно ние ќе ја прифатевме без размислување. Нема да калулираме на последниот натпревар. Идеме на победа, сакаме да бидеме први во групата, изјави селекторот на „црвената фурија“, Луис Енрике.

Шпанија, како првопласирана во групата „Е“ за противник во 1/8 финалето ќе го има второпласираниот од групата „Ф“, а тоа може да биде селекцијата на Мароко, Белгија или Хрватска.

Денеска на програмата: ГРУПА Е: Јапонија – Шпанија (20:00 ч.), Германија – Костарика (20:00 ч.). Табела: Шпанија 6, Јапонија 3, Костарика 3, Германија 1 бод.  ГРУПА Ф: Хрватска – Белгија (16:00 ч.), Мароко – Канада (16:00 ч.). Табела: Хрватска 4, Мароко 4, Белгија 3, Канада 1 бод.