Само Хрватите и Романците во ЕУ ги казнуваат проститутките, а здруженијата, народниот правобранител и опозицијата се залагаат за казни за клиентите или за декриминализација, односно тоа да биде регулирана работа како и секоја друга – со здравствено и пензиско осигурување и работно време.
Од Канцеларијата на Народниот правобранител за родова еднаквост на Хрватска велат дека статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи (МВР) за 2022 година покажуваат дека жените се тие кои најчесто даваат сексуални услуги и се жртви на кривично гонење, па евидентна е родовата димензија на проституцијата.
Народниот правобранител Вишња Љубичиќ е за шведскиот модел на криминализација на корисниците на услуги и декриминализација на лицата кои даваат сексуални услуги.
Според податоците на МВР, бројот на регистрирани прекршувања на проституцијата во последните пет години е речиси занемарлив, а само мал број земји-членки на ЕУ казнуваат лица кои се занимаваат со проституција. Хрватска во моментов заедно со Романија е единствената земја-членка на ЕУ која санкционира лица во проституција“, посочува Љубичиќ.
Во извештајот на Комитетот за правата на жените и родовата рамноправност на Европскиот парламент се посочува дека по воведувањето на нордискиот модел во Шведска, дошло до значителна позитивна промена во ставовите на момчињата и мажите, така што жените во проституција помалку се разгледуваат како предмети за задоволување на машката страст.
Во образложението на тој извештај се наведува дека криминализацијата на лицата во проституција не може да биде решение и дека тоа само води до недостиг на правна сигурност, со постојана опасност од полициско и судско гонење.
Во Хрватска лицето кое се впушта во проституција се казнува освен ако не е жртва на кривично дело трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација.
За прекршок се казнува од 20 до 100 евра или со затвор до 30 дена. Ако зборуваме за присилна проституција, тогаш тоа е кривично дело, а не прекршок.