Основното јавно обвинителство од Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе обвинение против 60 годишен инвеститор кој градел на диво надградба на дуќан и хотел во Старата скопска чаршија. Делото, нелегална градба, го сторил во 2018 и 2019 година без одобренија од министерството и Управата за заштита на културното наследство. Обвинителството ги терети за сторено кривично дело бесправно градење по член 244-а став 1 од Кривичниот законик, според кое е предвидена затворска казна од три до осум години.
„Обвинетиот 60-годишник, во текот на 2018 и 2019 година, во својство на инвеститор, во Старата скопска чаршија, на постоечки објект – дуќан од 93 м2 во негова сопственост, извел надградба од ходници, скали, лифт, рецепција и други простории, а на соседна парцела извршил целосна изградба на објект – хотел со подрум, четири ката и поткровје, без да поседува одобрение за градење од надлежното министерство, но и без основен конзерваторски проект и конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство“,се вели во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.