Од петтиот пакет мерки, кој како што беше најавено ќе тежи 50 милиони евра, помош очекуваат и угостителите и туристичките работници. Угостителите веќе ги објавија своите барања од петтиот пакет, меѓу кои продолжување на субвенциите за плати на вработените, директна неповратна финансиска помош за сите угостители, достапност до долгорочни и бескаматни државни кредити, изедначување на ДДВ-то за угостителски услуги и одлагање и репрограмирање на извршни постапки врз угостителите.
Туристичкиот сектор, пак кој беше еден од најпогодените од кризата одамна го чека петтиот пакет мерки, бидејќи мерките од досегашните четири пакети само моментално ја ублажија лошата финансиска состојба на компаниите од секторот, односно помош добија само работниците, но не и фирмите.
Според министерот за економија, Крешник Бектеши, Владата веќе ги дизајнира мерките и ќе бидат таргетирани секторски каде што пандемијата имала најголемо влијание на намалување на приходите и на отпуштање на работници. Сепак, потенцираше дека мерките, како и досега, ќе се дискутираат за да конечно се прецизираат во соработка со стопанските комори. На почеток на февруари во согласност со плановите и динамиката Министерството за економија ќе излезе со конкретни мерки и ќе почне да ги реализира.
Угостителите бараат новиот пакет економски мерки да содржи компоненти кои ќе бидат наменети исклучиво за овој сектор и ќе бидат безусловни, односно нема да има условени критериуми со кои на оние кои не можат да ги исполнат ќе им биде ускратена оваа помош, велат угостителите и додаваат дека целта на нивните пет барања е што побрзо да застанат на нозе и да може да ги вратат долговите.
-Очекуваме заедничко учество и придонес во креирањето на петтиот сет економски мерки со кои треба да се таргетираат оние кои се најпогодени од кризата. Новите сет економски мерки мора да содржат финансиска поддршка и неповратна помош со која ќе бидат надоместени загубите и штетите на угостителите поради рестриктивните мерки наметнати со протоколите за работа и ограничувањата на работното време на угостителските објекти и истите да бидат креирани спрема вистинските и реалните потреби на угостителската индустрија, изјави за ВЕЧЕР, претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски.
И угостителите и туристичките работници се согласни дека доколку економските мерки се добро програмирани ќе можат да им помогнат да ги подмират обврски и трошоци од тековното работење и навреме да ги исплаќаат кредитите.
-Функционирањето на туристичките агенции е отежнато, финансиската состојба е многу лоша, а досегашните мерки дадоа само краткотрочни резултати, односно само моментално ја ублажија состојбата во туристичкиот сектор. Очекуваме во петтиот сет мерки да се донесат подолгорочни решенија кој ќе ни помогнат да ги надоместиме загубите и штетите кој ги претрпевме, освен субвенциите за плати кои се однесуваат само на работниците, вели Ивона Јакимовска, раководител на сектор туристички агенции во Стопанската комора за туризам на Македонија.
Од овие сектори очекуваат и поголема флексибилност околу бројот на вработените, бидејќи досега помош за плати можеа да добијат само оние компании кои не го намалиле бројот на вработените. Поради вработувањата на сезонски работници летово некој од компаниите од овие сектори не добија финансиска помош за плати за месеците октомври, ноември и декември затоа што тие работници веќе не работеа кај нив. Дел од компаниите ги враќаа сезонските работници на работа за да добијат финансиска помош за оние што се постојано вработени и покрај тоа што некој од хотелите воопшто и не работеа. Се очекува во петтиот пакет мерки овие нелогичности да бидат исправени.
Од туристичките агенции, исто така бараат ваучерите за туризам кој беше најавено дека ќе се даваат и оваа годинава да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции и да имаат поширок опфат, односно да се даваат и на други граѓани не само социјални случаи.
(А.С.)