Хибридни зрна полни протеин: Чекор подалеку во науката – лабораториски ориз од говедски клетки

606

Во последниве години, научниците развија различни алтернативи на вообичаената храна – од пилешко во епрувета до печатени протеински колачиња од крикет. Јужнокорејските истражувачи сега отидоа чекор подалеку создавајќи хибридна храна – говедски мускули и масни клетки кои се одгледуваат во зрната ориз.

Методот беше претставен во списанието Matter и, според EurekAlert!, резултатот е „хранливо силна и вкусна хибридна храна“. Сепак, прашањето е колку луѓе воопшто ќе сакаат да пробаат лабораториски говедски ориз, со оглед на тоа што ниту една слична храна од епрувета не стана популарна.

– Замислете дека сите хранливи материи што ни се потребни ги добиваме од протеинскиот ориз одгледан во клетки. Оризот веќе има високо ниво на хранливи материи, но додавањето на клетки од говедата може дополнително да го подобри – изјави Сохјеон Парк, автор на студијата од Универзитетот Јонсеи.

Кај животните, биолошките „скелиња“ го водат и поддржуваат тродимензионалниот раст на клетките кои формираат ткива и органи. За да расте месо на клеточно ниво, тимот ја имитирал клеточната средина, но користејќи ориз. Зрната од ориз се шупливи и имаат организирана структура, што е цврсто „скеле“ за одгледување на животински клетки во нив. Одредени молекули пронајдени во оризот можат да помогнат во растот на овие клетки, што го прави идеална платформа.

Тимот прво го премачкал оризот со рибин желатин, безбедна и јадлива состојка која им помага на клетките подобро да се прицврстат на зрната ориз. Мускулите и масните матични клетки на кравата потоа се вметнати во оризот и се оставаат да растат во петриева чинија девет до 11 дена. Крајниот производ е клеточно култивиран говедски ориз со состојки кои ги исполнуваат сите стандарди за безбедност на храната и имаат низок ризик од алергии.

Хибридниот ориз има осум проценти повеќе протеини и седум проценти повеќе масти од обичниот ориз. Додека оној со повеќе мускули имаше мирис сличен на говедско и бадем, оној со маснотии мирисаше на путер или кокосово масло.

– Протеините обично ги добиваме од добитокот, но неговото одгледување троши повеќе ресурси и вода и ослободува многу стакленички гасови – рече Парк.

Овој начин на производство на хибриден ориз многу помалку ја загадува животната средина. Проценката, наведуваат тие, е дека за 100 грама произведени протеини, хибридниот ориз ослободува 6,27 килограми јаглерод диоксид, додека одгледувањето на истото количество протеини од обичното говедско месо ослободува 49,89 килограми јаглерод диоксид. Тие веруваат дека производот би бил и поевтин бидејќи килограм од тој ориз би чинел 2,23 долари за килограм, што е многу помалку од говедско месо.