Олексиј Ананенко во серијата „Чернобил“ која постигна огромна популарност е прикажан како еден од тројцата херои заслужни за тоа што хаваријата во нуклеарната централа Чернобил не се претвори во уште поголема катастрофа, пренесуваат агенциите.

Денес Ананенко живее во еднособен стан во предградието на Киев и себеси не се смета за херој.

-Никогаш не сум се чувствувал како херој. Јас само си ја работев мојата работа, вели 59-годишниот инженер кој со двајца свои колеги учествуваше во многу ризичната операција за дренирање на водата под нуклеарката за да се спречи уште една, многу поразорна експлозија.

Во еден од најдраматичните моменти во серијата, актерите што ги толкуваат улогите на Ананенко, Валериј Беспалов и Борис Баранов, талкаат низ поплавените подземни ходници барајќи ги вентилите за отворање на цистерните за вода на три метри длабочина под запалениот реактор.

Нуклеарните експерти стравувале од втора експлозија на вжештеното радиоактивно гориво и од неговата реакција со големата количина вода во резервоарите.

Која е разликата помеѓу филмот и стварноста? На филмот надредените ги информираат работниците каква опасност се заканува па тројца доброволно се јавуваат да спречат смрт на милиони луѓе. Но, во реалниот живот, постоел страв од втора експлозија, ама не се знаело какви би биле последиците.

Тројцата инженери, во серијата претставени како доброволци, во реалноста добиле наредба да појдат во мисија, но не им било кажано ништо за ризиците.

-Добив команда да појдам таму, па појодв, вели Ананенко, кој во реалноста воопшто не наликува на русокосиот актер Балтасар Сампер кој ја игра неговата улога во серијата.

-Не ми беше страв, додава Ананенко.

Заштитени само со нуркачка опрема и едноставни маски за дишење, тројцата луѓе тргнале низ поплавените ходници под реакторот. Со помош на рачни светилки успеале да ги најдат вентилите и да ги отворат.

-Истиот миг слушнав како почнува да истекува вода. Тоа беше чудесно, вели Ананенко.

За оваа сцена во серијата вели: „Ова ние го немавме (боци со кислород). И се движевме побрзо“.

Иако тогаш носел два дозиметра, Ананенко не се сеќава на податоците за количината на радијација. –Тоа значи дека не била толку висока, вели тој.

Неговиот колега Баранов почина во 2005 година, но Беспалов е се уште жив и живее во истиот кварт како Ананенко.

Ананенко немал посериозни здравствени проблеми и продолжил да работи во нуклеарниот сектор се до 2017 година. Тогаш доживеал тешка сообраќајна несреќа и имал тешки повреди, па поради тоа морал да замине во пензија.

Инаку, одликуван е со неколку советски и украински медали и сега живее од државната пензија која изнесува околу 370 евра.