Хезболах тврди дека ги потиснал израелските војници кои „упаднале“ во јужен Либан

41
Фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

Либанското движење Хезболах денеска соопшти дека ги потиснало назад израелските војници кои „упаднале“ на југот на Либан во близина на позицијата на мировните сили на ОН во таа земја (УНИФИЛ).

По слабеењето на палестинскиот исламистички Хамас, чиј напад на израелска територија на 7 октомври минатата година предизвика смртоносни операции во Појасот Газа, Израел сега води отворена војна против Хезболах, сојузник на Хамас.

Либанското движење соопшти дека ги оттурнало израелските војници кои се вметнале во близина на позицијата на синиот шлем во пограничното село Лабуна.

Портпаролот на израелската армија Надав Шошани рече дека тие се во постојан контакт со УНИФИЛ за да се погрижат нивните војници да не бидат фатени во вкрстен оган меѓу Хезболах и израелските сили.

Околу 10.000 војници на ОН се распоредени во јужен Либан по долгата сина линија што ја означува границата меѓу Либан и Израел.

Во неделата, УНИФИЛ ги осуди операциите на израелската армија во близина на една од нејзините позиции во пограничното село Марун ал Рас и ги опиша како „исклучително опасни“.

Хезболах тврди дека ги повикал своите борци да не интервенираат или да им се закануваат на војниците на ОН.