Слаб економски раст, висок јавен долг, зголемување на пензии во услови кога сè уште постојат инфлациски притисоци, недоволен напредок во справувањето со сивата економија, ниско ниово на буџетска транспарентност… Ова се само дел од слабостите на македонската економијата што ги констатираше Европската Комисија во последниот Извештај за напредокот. За економските експерти констатациите околу лошата состојба на македонската економија не се непознати, но ниту една влада досега не презема ништо за да ги подобри овие забелешки.
-Шансите дека ќе се промени нешто во македонската економија се многу мали. Гледаме и од буџетот дека Македонија веќе 30 години не остварила повисоки стапки на економски раст од 2 отсто. Забелешките од Европската комисија секоја година се повторуваат, но досегашните влади не најдоа начин како да ги поправат овие забелешки. Нема економски раст туку стагнација, нема напредок во владеење на правото, во владеење на демократијата, во борбата против сивата економија… Од друга страна, овие извештаи се многу општи и не ни помагаат многу, сметам дека треба поконкретно да ги формулираат слабостите за да може да ги отстраниме. И оваа влада како и претходната се вади на тоа дека наследиле катастрофална финансиска состојба, а оставиле уште покатастрофална состојба и во економијата, и во демократијата и во владеење на правото, изјави за весникот ВЕЧЕР, Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
Тој вели дека според презентираниот Буџет и наредната година голем дел од парите ќе отидат за тековни расходи, а не за инвестиции.
-Секоја година парите планирани за инвестиции одат за плати и за социјала. И покрај тоа што оваа Влада вели дека фокусот ќе биде на инвестициите, парите пак ќе завршат за непродуктивни трошоци. Се задолжуваме и надвор и внатре. Надворешниот долг расте се задолжуваме да ги враќаме старите кредити и да ги плаќаме каматите на тековните. Сивата економија и корупцијата имаат директно влијание врз лошата состојба во економијата. Тоа што треба да се промени е политичката волја за промени. На сите влади им е важна само власта. Оваа влада и покрај тоа што има стабилно мнозинство и може да направи некои промени, не се во состојба да го направат тоа бидејќи корумпирани структури останаа на власт. Ова е констатација и во извештајот во делот каде се нотира да се санираат последиците од усвојувањето на измените на Кривичниот законик, вели Хајредини.
Според него, за да оди напред економијата треба да се зголемат инвестициите, да се намали сивата економија и да се истргнат измените во Кривичниот законик, кој ја оневозможуваат борбата против корупцијата.
Економистите констатираат дека најавениот раст од 3,7 отсто и намалување на дефицитот во услови на година на закрепнување на домашната економија, многу тешко дека ќе се случат. Според нив, на македонската економија и требаат повисоки стапки на раст од 3,7 отсто кои со вака проектиран буџет тешко дека ќе се остварат.
-Извештајот на ЕК воопшто не треба да изненадува и тој реално, дури и многу благо ја отсликува состојбата во Македонија на економски план. Високата корупција, договорот со „Бехтел и Енка“, наместените тендери јасно кажуваат каква е состојбата и таа не може никако да се ублажи или сокрие. Во Македонија не постои претприемничка култура, не постојат јасни правила на игра, не постојат пазарни принципи, туку само партиски релации. Па така може да се види кои фирми се најуспешни, врз основа на кои резултати и какви релации со одредени политичари. На ЕУ и е јасно тоа, вели за весникот ВЕЧЕР, аналитичарот Синиша Пекевски.
Шефицата на мисијата на ММФ за Македонија, Анет Кјоб, порача дека новата Влада треба да работи на реализација на поставените цели. Дали ќе се зголемат капиталните трошења и дали ќе се намалат тековните расходи, бидејќи од она што досега го гледаме платите сè уште дополнително растат, пензиите сè уште растат, а тоа треба да се контролира, вели таа.
Според неа, линеарното зголемување на пензиите на сите пензионери веројатно не е најисправниот чекор за менаџирање на сиромаштијата. Препорачува наместо тоа да се таргетираат пензионерите кои спаѓаат во пониските категории наспроти оние со највисоки примања и додава дека земјава „троши“ повеќе за пензии од своите соседи.
-Зголемувањето на пензиите не треба да биде ад хок. Треба да има формула, независно дали е тоа формула која наложува зголемување на пензиите со инфлацијата или со инфлацијата и платите. Во двата случаја тоа треба да е формула која е транспарентна и едноставна за пензионерите да ја разберат. Значи не да се укинуваат законските одредби со ад хок решенија, туку да се воспостави и одржува систем за зголемување на пензиите. Зголемувањето да се базира на правила, и за платите и за пензиите. Ние и Светската банка како институции очекуваме авторитетите да се вратат на системот базиран на правила, посочува Кјоб.
Во делот на платите, вели дека има генерален колективен договор кој дефинира како треба да растат во различни сектори. Иако ги прифаќам аргументите дека платите треба да растат поради инфлацијата и загубената куповна моќ на граѓаните, додава, има и други фактори кои треба да се земат предвид.
Анализите на ММФ, покажуваат дека од 2015 година земјава значајно заостанува зад земјите од регионот. Бруто-домашниот производ (БДП) е за околу 10 проценти понизок споредено со претпандемискиот период. И ова е многу пониско споредено со другите земји од регионот на Западен Балкан каде што сегашните стапки на БДП се можеби 4 до 5 проценти пониски од оние пред ковид-пандемијата, додека во ЕУ сегашните нивоа се за околу 2 процента пониски од периодот пред глобалната криза.
(А.С.)