Претседателот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, побара од Владата на Косово да го објави текстот на договорот за регистарски таблички, постигнат денеска во Брисел.
Харадинај напиша на Фејсбук дека „ако е точно дека владата се согласила да се однесува кон северот поинаку од остатокот на Косово, за нас е целосно неприфатливо и казниво“. Тој нагласи дека „не може да се влијае на унитарниот карактер на државата“, пренесува Бета.
Лидерот на ААК изрази огорченост од изедначувањето на Специјалната полиција на Косово со, како што рече, „криминални групи што ги блокираа патиштата на север“.
„Договорот за КФОР да ја преземе контролата врз одржувањето на редот на северот, кога тоа е ексклузивна надлежност на државните агенции за спроведување на законот и кога мисијата на КФОР е воена, претставува назадување и отстапка за Србија со сериозни последици за Косово“, оцени Харадинај.
Тој побара од премиерот Албин Курти да им го објасни на луѓето „секој детал“ од договорот и „итно да поднесе извештај“ пред собранието на Косово.
„Никој нема мандат да потпише каков било договор што би можел да биде спротивен на суверенитетот на земјата“, посочи Харадинај.