На аеродромот „Читосе“ на јапонскиот остров Хокаидо за време на викендот доцнеле летовите и се засилени безбедносните мерки и потрагата по исчезнатите ножици од продавница недалеку од капијата за качување, пишува британскиот дневен весник „Индипендент“.
Безбедносните проверки траеле околу два часа, што предизвика откажување на 36 летови и доцнење на 201 друг лет, оставајќи заглавени илјадници патници.
Патниците морале повторно да поминат низ безбедносни проверки поради исчезнатите ножици.
За време на викендот сообраќајот беше зголемен поради празникот Јапонски Бон посветен на починатите предци.
Управата на аеродромот во Хокаидо потврди дека сите домашни летови биле приземјени два часа поради безбедносни проверки.
Продавницата на излезниот терминал изгубила еден пар ножици, што довело до проверки. Ножиците наредниот ден ги пронашол работник од продавницата.