EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Потврдено е за еден од најголемите трансфери во светот на спортот. Завршува една ера и започнува друга, за која никој не можеше ни да сонува пред неколку години. Луис Хамилтон и официјално ќе го напушти Мерцедес на крајот од сезоната и ќе се пресели во редовите на Ферари, за што дојде потврда од многу страни.

Прво се јави италијанскиот тим, кој потврди за повеќегодишниот договор, а тоа значи дека Карлос Саинц ќе си замине од тимот.

  • По денешните вести, јас и Скудерија Ферари повеќе нема да бидеме заедно од крајот на 2024 година. Имаме долга сезона пред нас и, како и секогаш, ќе дадам сè од себе за тимот и за навивачите ширум светот. Во догледно време, ќе објавиме новости за мојата иднина – истакна Саинц.

Од друга страна, Хамилтон кажа дека ја искористил опцијата да се ослободи од последната година од договорот со Мерцедес за да потпише со Ферари.

  • Имав 11 прекрасни години со Мерцедес и горд сум на успесите што ги постигнавме заедно. Мерцедес е дел од мојот живот уште кога имав 13 години. Ова е место каде што пораснав, па затоа одлуката да заминам е најтешка во мојата кариера. Но, вистинското време е да го направам овој чекор и возбуден сум што ќе имам нов предизвик. Засекогаш ќе бидам благодарен за неверојатната поддршка од моето семејство Мерцедес, особено на Тото Волф за пријателството и за лидерството и сакам заедно да ја завршиме сезоната, на високо ниво. Стопроцентно сум посветен да го испорачам најдоброто издание за оваа сезона и сакам мојата последна година со „сребрените стрели“ да биде за паметење – изјави Британецот.

Инаку, во своите најдобри години, Хамилтон жестоко се бореше против Ферари, а последната шанса за освојување на титулата ќе ја бара во тимот од Маранело.

На легендарниот Британец му останува уште една сезона со Мерцедес, каде што ги забележа најдобрите резултати во кариерата.

Ферари ќе биде третиот тим за седумкратниот шампион во Формула 1 откако во Мекларен ја започна кариерата во најбрзиот октански циркус во светот. Возеше за овој тим од 2007 до 2012 година, за тоа време освои една титула, а останатите шест ги запиша како возач на Мерцедес.

Главната причина поради која го напушта германскиот тим е неможноста да добие квалитетен болид за да се бори со конкуренцијата.

Инаку, 39-годишниот Хамилтон е апсолутен рекордер во Формула 1 со дури 103 победи и 104 пол-позиции. Како што стојат работите сега, тимски колега во Ферари ќе му биде Шарл Леклер.