Хамас ги изнесе условите за ослободување на заложниците

788

Главниот преговарач на Хамас за судбината на повеќе од 200 луѓе кои беа киднапирани на 7 декември и оттогаш се заробени во Газа, рече дека сите цивили меѓу нив ќе бидат ослободени доколку се исполнат соодветните услови.

Калед Мешал е моќна личност во Хамас, почитуван како „жив маченик“, бидејќи преживеа обид за атентат организиран од Израел пред три децении, објави Скај њуз.

Во своето прво интервју за западна телевизија откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, Мешал изјави за Sky News дека сите цивили ќе бидат ослободени доколку Израел го намали интензитетот на воздушните напади врз Газа.

„Нека ја прекинат оваа агресија и ќе најдете посредници како Катар, Египет и некои арапски земји и други кои ќе најдат начин да ги ослободат и ние ќе ги испратиме во нивните домови“, рече Мешал.

Тој посочи дека ослободувањето на заложниците е невозможно се додека израелската воздушна офанзива остане со ист интензитет.

„Сакаме да го запреме случајното бомбардирање, целосното уништување, геноцидот, за да можат борците од Касам да ги изнесат од местата каде што се наоѓаат и да ги предадат на Црвениот крст или на некој друг. Ни требаат соодветни услови за да бидат ослободени“, изјави преговарачот на Хамас.

Тој ги повтори претходните тврдења дека 22 заложници биле убиени во израелските воздушни напади. Хамас не сакаше да каже од кои земји се жртвите, наведувајќи само дека голем дел од нив се од Израел.

Досега Хамас ослободи четворица заложници, мајка и ќерка од САД кои биле киднапирани кога биле кај роднините во еден од кибуцимите и две постари Израелки.

Зборувајќи за убиствата на цивили за време на упадот на милитантите на израелска територија, Мешал рече дека Хамас никогаш не го планирал тоа.

„Ако имало убиства, тоа дефинитивно не било намерно. Дефинитивно“, истакна тој.