Функционерските плати далеку над минималната и просечната плата во државата

Компјутерџиите, фармацевтите, вработените во телекомуникациските компании и функционерите се убедливо со највисоки плати во Македонија. Последнава година, платите, пред сè на функционерите, се зголемија за 78 отсто и отидоа далеку над минималната и над просечната плата во државата. Просечната плата во мај годинава изнесуваше 41.252 денари, а минималната – 22.567 денари. Овие податоци создаваат револт кај работниците, бидејќи разликата меѓу минималната и просечната плата и онаа на функционерите сè повеќе се зголемува

1918

Компјутерџиите, фармацевтите, вработените во телекомуникациските компании и функционерите се убедливо со највисоки плати во Македонија. Последнава година, платите, пред сè на функционерите, се зголемија за 78 отсто и отидоа далеку над минималната и над просечната плата во државата. Просечната плата во мај годинава изнесуваше 41.252 денари, а минималната – 22.567 денари.

Македонската влада пред неколку дена на официјалната страна објави дека премиерот Христијан Мицкоски секој месец зема 2.280 евра. Веднаш зад него е министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој со дополнителниот бонус зема плата скоро колку премиерот. Останатите министри во македонската влада на своето конто секој месец добиваат 1.870 евра.

Инаку, според пресметките, доколку платата на премиерот Мицкоски се подели со просечната плата во Македонија, која во јуни изнесуваше 670 евра, тогаш тој зема 3,4 просечни плати.

Овие податоци создаваат револт кај работниците, бидејќи разликата меѓу минималната и просечната плата и онаа на функционерите сè повеќе се зголемува.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека, покрај тоа што нема да има зголемување на платите во јавниот сектор, неизвесно е и зголемувањето на минималната плата на 450 евра.

– Барањето за зголемување на минималната плата, кое првично беше прифатено од новата Влада, сега е под прашалник. Многу сме револтирани и апелираме да не се даваат вакви изјави, особено од функционери, кои земаат над 100 илјади денари плата. Многу е нереално да им кажеш на работниците дека нема да има зголемување на платите, а тие да ги земаат овие плати – изјавија за весникот ВЕЧЕР од ССМ.

Оттаму додаваат дека функционерските плати и претходно биле високи, но со зголемувањето од 78 отсто минатата година, уште повеќе се зголемила разликата меѓу нивната и минималната и просечната платата во државата.

– Компјутерџиите, фармацевтите, вработените во телекомуникациските компании и функционерите го креваат просекот во државата. Последнава година, платите на функционерите се зголемија за 78 отсто, го кренаа просекот и отидоа далеку над минималната плата. Платите на функционерите моментално изнесуваат над 100 илјади денари, односно од 1.800 евра, па нагоре, што е далеку над минималната и над просечната плата во државата – вели Љупчо Радоски од ССМ.

Од Синдикатот информираат дека околу 70 отсто од вработените во државата земаат меѓу минималната и просечната плата, односно од 22.567 до 41.252 денари. Од друга страна, околу 30 отсто од вработените, односно над 100 илјади, земаат плати над просечната, а бројот воопшто не е мал.

– Ние стоиме на ставот дека треба да разговараме со Владата за платите. Ние имаме разбирање дека е празен буџетот и оти нема пари, но треба да седнеме и да се договориме. Да видиме ако не може сега, кога најрано може да се случи тоа и ако не може минималната плата да биде 450 евра, за колку минимално може да се зголеми. За овие и за други прашања што се отворени и ги засегаат работниците, очекуваме да разговараме со Владата во најкраток можен рок за да може да ги задржиме барем оние работници што останаа во државата – додава Радоски.

Согласно со последните статистички податоци, највисоки плати во државата има во дејностите: компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности – 95.660 денари, телекомуникации – 63.879 денари, научноистражување и развој – 63.074 денари, останати стручни, научни и технички дејности – 62.612 денари и производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати – 61.628 денари.

Бројките покажуваат дека убедливо на „врвот“ со најниски плати, кои не достигнуваат ни до просекот, се вработените во секторот заштитни и истражни дејности, па  ветеринарните служби, производството на мебел… Вработените во заштитните и истражни дејности земаат  22.128 денари, во ветеринарните дејности – 28.669, во производството на мебел – 29.095, во производството на кокс и рафинирани нафтени производи – 29.308 и во дејностите за подготовка на оброци и служење на храна – 29.543 денари.

Инаку, според последната европска статистика, Македонија е на дното во Европа и според минималната и според просечната плата.

(А.С.)