Фудбалот речиси подеднакво го гледаат и мажи и жени, но и го играат. Иако е спорт во кој доминираат мажите, сепак последниве децении полека но сигурно расте популарноста и на женскиот фудбал.

Според извештајот на Европската фудбалска унија, изминатата година 2,8 милиони гледачи на домашни клупски имало натпревари за фудбалерки, 0,7 милиони на мечевите од Лигата на шампионите за жени.

Женскиот фудбал веќе нема врска со еманципацијата, бидејќи стана дел од секојдневието. Се проценува дека 29 милиони жени денеска во светот играат фудбал организирано во клубови, а бројот на фудбалерки незапирливо се зголемува.

Една од нив е и нашата соговорничка Александра Терзиски (претходно Ристовска), гевгеличанка која веќе 15 години работи во женскиот фудбал, како фудбалерка и како тренер. Александра е дипломиран економист на Универзитетот „Гоце Делчев“, лиценциран тренер со УЕФА – А лиценца, стандардна првотимка во Сениорската репрезентација на Македонија како и тренер во селекцијата до 15 години.

Во 2018 година беше прогласена за најдобра фудбалерка од страна на ФФМ, а во последните  години е прогласувана и за најдобар тренер во млади категории од Општина Струмица на традиционалната манифестација „Спортист на годината“ каде што се избираат најдобрите спортисти, тренери и млади спортски надежи.

Таа, во разговорот за весникот ВЕЧЕР зборува за својата љубов кон фудбалот, за работата со младите фудбалерки и за стереотипите со кои секојдневно се соочуваат девојките кои се решаваат да се занимаваат со овој спорт.

– Како започна твојата фудбалска приказна?

„Брат ми Костадин беше дел од ФК Кожуф од Гевгелија и по цел ден играше фудбал надвор со другарите, а бидејќи немаше девојчиња во нашето мало, немајќи со кого да си играм полека и јас се навлеков на фудбалот. Би напоменала исто така дека и татко ми беше фудбалер, па веројатно поради сето тоа во мојата ДНК ми е љубовта кон фудбалот. Бидејќи во Гевгелија не постои женски фудбалски тим, јас во 2010 година започнав да играм фудбал за ЖФК „СЦ ИСТАТОВ“, за да по една сезона преминам во ЖФК „Тиверија“, која се формираше во 2011 година, сега „Тиверија Брера“ од Струмица.

– Како се движеше твојата фудбалска и тренерска кариера?

Би издвоила повеќе титули и убави моменти кои ми остануваат во трајно сеќавање. Со оглед на тоа што играм екипен спорт најгорда сум на титулата  победник на  Купот во сезоната 2017/18 со победа над шампионот со резултат 5:0. На индивидуален план би ја издвоила титулата најдобра фудбалерка во истата таа сезона.

Покрај тие две горда сум што станав првиот играч во првата лига со 100 натпревари во ист клуб, како и на титулите на нашите млади категории кои се први без конкуренција.

Вреди да се напомни и победата на сениорската репрезентација против Казахстан со резултат 4:1, која беше победа по подолг период.

Што се однесува на тренерската кариера, освен што бев тренер на националната селекција до 15 години,  прогласена сум за најдобар тренер за млади во екипен спорт на ниво на град Струмица две години по ред. Овие нешта ми се мотивација да продолжам да го работам и понатаму она  што ме прави среќна.

– Александра ти си активна фудбалерка веќе 15 години а од неодамна стана и генерален директор на ЖФК Тиверија Брера АД Струмица, која е воедно првото Акционерско друштво женски фудбалски клуб во државата. Како дојде до оваа соработка и какво е твоето чувство?

„ ФК АП Брера Струмица, стана првиот странски инвеститор во женски фудбалски клуб во нашата држава. Ова значи дека во семејството на Брера и официјално имаме женски фудбалски клуб, градејќи неколку скалила повеќе во развојот на женскиот фудбал во Македонија. Нашето партнерство ќе поттикне професионален раст во нашата организација и ќе обезбеди одлични услови за развој на нашите играчи Нашите играчи ќе имаат повеќе можности со припадноста на Брера, што ќе ги мотивира да работат повеќе. Станувањето Брера Тиверија ќе ни донесе поврзување со глобалниот фудбалски систем и ќе им обезбеди на играчите шанса да играат во странство. Исто така, ќе имаме шанса да изградиме силен европски тим во Струмица, Македонија и да го промовираме нашиот град и земја во странство“

– Пред три години Ти зеде учество и на панел-дискусијата „Како до родова еднаквост во фудбалот“, организирана од Владата на Република Македонија. Што ѝ порача тогаш на јавноста?

„Тогаш истакнав дека ние, како женски фудбалерки многу се бориме за родовата еднаквост, често организираме настани со кои сакаме барем малку да ја доловиме свеста и менталитетот, најчесто во тие настани вклучуваме и девојчиња и машки и кај децата тоа не е проблем. Но, посочив дека голем дел од родителите се против нивните деца да играат фудбал поради родовата стигма што е застапена во нашето општество. Исто така реков дека финансиската разлика помеѓу машкиот и женскиот фудбал придонесува сите девојчиња, по 18 години, да се определат кон работа и школување, да го запостават спортот, бидејќи не гледаат некоја финансиска моќ која што би можела понатаму да ги издржува во животот.

– Дали е тоа можеби и поради фактот што сè уште на фудбалот се гледа како на машка игра?

„Женскиот фудбал сè уште се смета за ’машки’ спорт во нашата држава иако можам да кажам дека заинтересираноста кај женската популација е сè поголема. ЖФК „Тиверија Брера“ постои веќе 13 години, а јас сум дел од клубот од самиот почеток. Сметам дека медиумски овој спорт не е доволно експониран во јавноста и девојчињата се уште немаат можност да тренираат фудбал во секој град во државата. Исто така, во прашање е и нашиот менталитет, бидејќи девојчињата се воспитуваат дека е срамота да играат фудбал. Сакам само да ги охрабрам родителите да им дозволуваат на девојчињата да играат фудбал, бидејќи ниту едно девојче нема криви нозе ниту, пак, изгледа како машко поради тоа што тренира фудбал.

– Кои се бенефитите од играњето фудбал за девојките?

„Бенефитите се огромни бидејќи сите фудбалери тренираат надвор на чист воздух, наспроти валканите сали, стекнуваат подобар имунитет поради изложеноста на разни температури, градат пријателства кои траат цел живот и притоа уживаат додека спортуваат. Фудбалерите знаат да играат тимски, да вложуваат во заедничка цел и да прифаќаат и разбираат различни карактери што е важна карактеристика за подоцнежниот живот. Дисциплината која се учи на тренинзите помага тие да се изградат во одговорни личности.

Покрај сè фудбалерите се и ментално спремни за целиот живот. Соочувањето со повреди, порази, и нефер однесувања нè учат да знаат да се носат со тешките моменти во животот.

– Ти си од Гевгелија, што мислиш, има ли можност во скора иднина да се формира и во овој град женски фудбалски тим?

„Како Гевгеличанка секогаш излегувам во пресрет на сите девојчиња од Гевгелија кои сакаат да играат фудбал и истите се прифатени овде, во нашиот клуб,  и им е посветено внимание како би можеле да напредуваат, а воедно и да го играат спортот кој го сакаат. Инаку, имаме одлична соработка со ФК Кожуф од Гевгелија и сметам дека ќе успееме да отвориме женски фудбалски клуб и во Гевгелија во блиска иднина и дека двата клуба заедно ќе работат во интерес на фудбалерките пружајќи им одлична средина за напредок.

– За крај, имаш ли некоја порака за оние девојки кои сакаат да играат фудбал?

Нека не робуваат на предрасудите на средината во која живеат,  во прашање се предрасуди присутни пред се кај родителите и нека започнат со тренинзи. Ако  почнат да тренираат,  ќе го засакаат спортот, навиките за вежбање, кондиционите вежби, и дружењето секако. Фудбалот е спорт кој бара многу внимание, тренинг и посветување. Фудбалерите имаат посебен режим на исхрана преку целата година. Девојките нека си го следат својот сон, како што тоа го направив јас , затоа што тоа е најважно  да се постигне  успех во секоја работа, па и во фудбалот. Иако од многу луѓе ќе слушнат дека фудбалот е за мажи, нека јас им послужам како пример кој го докажува сосема спротивното. Никој не вели дека е лесно, ама не е ниту невозможно.  (Љ.А)