ФОТО: Пратениците добија уште еден имунитет

44

Пратеници од Собранието на Република Северна Македонија и дел од вработените во службите во законодавниот дом денеска ќе се вакцинираат во ВИП Арената А1 во Скопје со вакцината на Спутник V. Вакцинацијата се спроведува како дел од имунизацијата на критичната инфраструктура во земјата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери посочи дека денеска ќе се вакцинираат пратениците, а оти вакцинацијата на вработените во собраниските служби започнала минатата недела. Џафери не го знае бројот на пратеници што денеска ќе се вакцинираат бидејќи како што вели, тоа е волја на секој поединец и нивна одлука. Појасни дека секој од пратениците добил порака за терминот и во која кабина треба да се вакцинира.

-Нивна лична одлука е кој ќе дојде кој нема да дојде. Тоа е волја на секој поединец, рече Џафери.

Претседателот на Собранието изрази надеж дека по ревакцинацијата на пратениците ќе се овозможи посоодветна работа на Собранието и оти од втората половина на мај ќе се врати нормалниот начин на работа на законодавниот дом, секако, почитувајќи ги и понатаму процедурите и протоколите воспоставени со одлуките и со мерките кои се преземаат од државните надлежни институции по ова прашање.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека пратениците ќе ја примат вакцината на Спутник и тоа во три групи и дека во салата паралелно се одвива и вакцинацијата на постарите граѓаните. Според него, вакцинацијата се одвива добро на територија на целата држава, останати се по 5.000 дози од вакцината на Астразенека и Фајзер, како и на Синофарм, а најави и пристигнување на околу 26.000 дози од вакцината Фајзер и 200.000 на Синофарм до 28 април. Вакцинирањето поинтензивно ќе продолжи да се спроведува по велигденските празници.

ФОТО:Н.БАТЕВ