Фронтменот на легендарниот „Парни ваљак“, Хусеин Хус Хасанефендиќ, ексклузивно за „ВЕЧЕР“ пред скопскиот концерт во „Јане Сандански“: „Есен во мене тагува“ ја напишав дома додека децата беа во кревет – песната „излезе“ од мене!  

538

Ние сите живееме за да имаме концерти. Доволно сме финансиски обезбедени што комотно можеме и без свирење. Но, таа  музичка страст не згаснува кај ниту еден од нас. Фала му на Бога, сè уште имаме енергија да свириме и да создаваме музика, а и песните сè уште доаѓаат од мојата душа.

Едно е сигурно – Хусеин Хасанефендиќ Хус останува неприкосновен музички маестро  чии песни одбележаа многу  генерации на  љубителите на поранешната југословенска рок-сцена. Загрепскиот бенд „Парни ваљак“ е гигант кој е синоним за една врвна музичка кариера која трае  речиси половина век. Нивното музичко наследство не се само нотите на хартијата, туку тоа е животна приказна раскажана преку акорди и текстови кои  живеат со публиката.

Легендарниот пејач на овој бенд, нашиот Аки Рахимовски, работеше со „Парни ваљак“ од неговото формирање во 1975 година. Сè до неговата смрт во 2022 година. Една година подоцна „Парни ваљак“ започнаа со новото поглавје во кариерата кога им се придружи новиот пејач Игор Дрвенкар. Иако е одличен и со самото однесување на сцената сите сме сложни дека Аки е едноставно кажано – незаменлив. Но што да се прави, животот оди понатаму, па затоа својата енергија и својата работа продолжуваат да ја споделуваат од местото каде што им е најудобно – на сцената, пред нивната многубројна публика.

Пред нивниот настап во Скопје, (во градот во кој Аки помина 20 години од својот живот) на 30 ноември, во салата „Јане Сандански“, Хус ексклузивно за  читателите на ВЕЧЕР љубезно ја прифати поканата да одговори на неколку  прашања.

– Претпоставувам дека ова ќе биде многу емотивен концерт за тебе, но и за целата група, првпат по заминувањето на Аки во вечноста, бидејќи скопскиот концерт е во градот во кој Аки израсна

Апсолутно си во право. Овој концерт можеби ќе биде досега наш најемотивен во нашата кариера, и сите ние во бендот чувствуваме голема трема и одговорност. Мора да покажеме дека сме биле во право кога решивме да продолжиме и без Ако. Да отвориме ново поглавје во нашите животи и во нашата кариера. Аки никогаш нема да биде заборавен затоа што тој живее во нашите души, во нашите настапи, во песните на „Парни ваљак“…

– Колку песни планирате да отсвирите на овој концерт, со оглед на тоа што настапува и трибјут бендот на ЕКВ „Децата од водата“

Планираме да дадеме сè од себе, секој од нас, за тоа ви гарантирам. Сè уште не знам колку и кои песни ќе ги свириме. Сигурен сум дека  секој во публиката на концертот ќе може да си ја чуе својата омилена песна од „Парни Ваљак“. Ги има многу.

– Ти секогаш отворено кажуваш дека Аки сите ве научил дека емоциите и сензибилитетот се најважните работи кои ги поврзуваат членовите на групата „Парни ваљак“ со публиката. Сега со Дрвенкар како нов пејач, оваа врска ќе ве зближи со  публика и на скопскиот концерт

Ќе кажам дека Аки беше чиста емоција и чиста енергија. Тој живееше за сцената и за концертите. Но, ќе речам и тоа дека исто е сега и со Дрвенкар, кој го презеде тешкото бреме да го замени Аки. Како што одминува времето, како што имаме сè повеќе концертни настапи, Дрвенкар е сè подобар и подобар.

– Досега имате издадено 5 нови песни, дали тоа значи дека половина од новиот албум е веќе завршен и кога да го очекуваме?

Токму така, објавивме пет нови песни со Игор Дрвенкар, пет сингла: „Мојата глава, моите правила“, „Богатите ќе побегнат на Марс“, „Сега кога знаеш“, „Кога ќе се стемни“ и „Откако не те гледам толку често“.  Имаме уште неколку завршени песни, работиме допрва и на некои нови, па кога ќе бидеме сосема задоволни со материјалот, албумот ќе биде објавен. Се надевам на успехот.

– Минатата година почнавте нова приказна, почнавте, да речам од нула, со свирки во клубовите, а оваа година и во големи сали. Еднаш ти рече дека она што ве поттикнува да свирите и натаму не е финансиската добивка, туку концертните свирки се нешто без кое не можете да живеете. Има ли уште енергија, страст и песни во вашата глава?

0Никој од нас не мора да свири за да живее. Ние сите живееме за да имаме концерти. Доволно сме финансиски обезбедени што комотно можеме и без свирење. Но, таа  музичка страст не згаснува  кај ниту еден од нас  Фала му на господа, сè уште имаме енергија да свириме и да создаваме музика, а и песните сè уште доаѓаат од мојата душа.

-Наредната, 2025 година започнува вашата турнеја „50“, половина век работа на „Парни ваљак“. Дали на почетокот на кариерата очекувавте дека  оваа група ќе има толку долг рок на траење и зошто почнувате токму  од Далмација, од Сплит?

0Не, ни  во најлудите соништа не го очекував тоа. Па, како може еден дваесетгодишен човек, речиси дете, да разбере што значи неговата и кариерата и кариера на неговиот бенд? Дека ќе траат педесет години. Благодарен сум за таа привилегија што ја имам. А, прашањето е и зошто ќе тргне турнејата од Сплит? Па, сопругата моја е од Сплит, девојката на Игор е од Сплит. Немавме поинаков избор. Се шегувам, секако. Но, мора да се тргне на турнеја од некој град, а згора на тоа сè уште не сме свиреле во Сплит со новиот пејач. Ете, затоа.

-Навистина и како новинар ти се восхитувам и среќен сум што по заминувањето на Аки не останавте во минатото, туку отидовте во иднината, во нова авантура, со нови песни и концерти. Би те прашал  колку трае процесот на создавање на една твоја песна, 10 минути, десет дена или десет години?

0Хахахаха… Тоа создавање на една песна за мене сè уште е голема мистерија. Некои песни  ги имам напишано буквално за половина час, а за некои ми требаа недели, месеци, па дури и по некоја години.. Да речеме „Есен во мене тагува“, (….“зашто сањам чемпресе, моје цесте не воде никуда, ни сунце не може кроз облаке….“)  точно се сеќавам на моментот кога ја напишав таа песна. Имав некое мало студио дома, а потоа навечер, кога децата беа во кревет, почувствував нешто и само што почнав, песната сама излезе од мене. За половина час. А, да речеме „За малку нежност“, која е покомплексна песна по форма, поминаа  10 години од моментот кога го напишав  почетниот дел, па сè до финалната верзија.  Долго време паузирав, бидејќи го слушнав продолжението, но не можев да го претворам во звук. И тогаш, во одреден момент се случи и тој втор дел, а рефренот излезе од мене можеби неколку месеци пред да биде објавена песната

На крајот што би им порачал на вашите обожаватели кои ќе дојдат на концертот во Скопје?

0Пораката до публиката би била сосема куса: Дојдете, видете, слушнете го „Парни ваљак“ со новиот пејач, одличен е Игор и одлучете се што ќе ви се допадне!

Љубчо Алексовски / фото:архива