Фронтекс: Речиси двојно е зголемен бројот на мигранти кои минуваат низ централниот дел на Медитеранот

46

Бројот на илегални пристигнувања на мигранти во Италија преку Медитеранот од Северна Африка се зголеми на речиси 114.300 во периодот од јануари до август, што е речиси двојно повеќе од истиот период во 2022 година, покажуваат денеска податоците на европската гранична агенција Фронтекс.

Илјадници мигранти кои го минуваат централниот Медитеран заминуваат од Тунис и Либија кон Европа и пристигнуваат во Италија.

Таа многу опасна мигрантска рута во моментов претставува „половина од нередовните пристигнувања во ЕУ оваа година“, наведува агенцијата на ЕУ.

Мигрантите кои пристигнуваат преку централниот Медитеран се главно од Брегот на Слоновата Коска, Египет и Гвинеја, рече изворот.

„Зголемениот мигрантски притисок на оваа рута би можел да продолжи и во наредните месеци, шверцерите ги намалуваат цените за мигрантите кои заминуваат од Либија и Тунис во контекст на жестоката конкуренција меѓу криминалните групи“, се вели во соопштението на Фронтекс.

Според податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) од почетокот на годината, повеќе од 2.000 луѓе ги загубиле животите или се водат како исчезнати обидувајќи се да го поминат преминот.

Италијанската влада денеска соопшти дека од почетокот на годината на италијанските брегови пристигнале околу 126.000 мигранти, наспроти 66.000 во истиот период минатата година.

Во јули, во присуство на италијанскиот премиер Џорџија Мелони, ЕУ потпиша партнерство со Тунис со цел да се намали бројот на пристигнувања на мигранти од таа земја, а предвидена е помош од неколку стотици милиони евра.

Договорот предизвика критики за авторитарната природа на туниските власти и за злоупотребата на мигрантите од субсахарска Африка во таа земја. Критиките денеска се удвоија по одбивањето на туниските власти да дозволат влез на европски пратеници во земјата.

Италијанскиот остров Лампедуза, кој се наоѓа на помалку од 150 километри од италијанскиот брег, во последните денови се соочи со голем прилив на мигранти. Островот пречека повеќе од 7.000 луѓе, што е еднакво на вкупниот број локални жители.