Французите не успеваат да најдат договор за здравствениот пасош

24

Текстот на законот за продолжување на здравствениот пасош во Франција в среда ќе треба повторно да се разгледа во Националното собрание, а потоа во четврток пред Сенатот, за конечно в петок да има гласање  Собранието, кое ќе го има последниот збор, јави дописникот на МИА.

Горниот дом смета дека продолжувањето на пропусницата до 31 јули е предолг период. Затоа, текстот ќе мора да се врати во Собранието, а потоа и во Сенатот, пред неговото конечно гласање.

Пратениците и сенаторите денеска не успеаја да се договорат за нацрт-законот за ковид пасошот и можноста тој да се користи до 31 јули, период што Сенатот го смета за предолг.

Сенатот минатиот четврток го скрати од 31 јули на 28 февруари можното продолжување на мерките за сопирање на епидемијата на Ковид-19, сметајќи дека е неопходен парламентарен преглед пред летото. Владата и нејзиното мнозинство, меѓутоа, го задржаа датумот 31 јули, што овозможува „прегазување“ на претседателските и законодавните избори.

Сенатот, исто така, се залага за „територијализација“ на здравствената пропусница од 15 ноември. Така, таа би била ограничена на департманите кои не достигнале стапка на вакцинација од 80 отсто од населението и во кои се забележува активна циркулација на вирусот. Друга причина за расправија е што сенаторите, во име на медицинската доверливост, ја отстранија контроверзната одредба која им дозволуваше на директорите на училиштата да го знаат статусот на вакцинација на учениците.

Премиерот Жан Кастекс, кој утринава зборуваше пред пратениците на мнозинството (ЛРЕМ, Ажир, МоДем) и самиот го предвиде овој неуспех.

-Нема да можеме да постигнеме договор со Сенатот. Ви верувам дека утре ќе бидете мобилизирани, рече тој. Шефот на владата ја подвлече неговата „волја“, доколку е тоа потребно, да ги има „сите алатки за справување со повторното заживување на епидемијата“.

Осврнувајќи се на конфликтот со Сенатот за крајниот рок, тој потсети дека најтешките мерки (затворање, сообраќајни ограничувања) секогаш бараат одобрување од парламентот, во случај на повторно ангажирање на режимот на здравствена вонредна состојба.