EPA-EFE/SHAWN THEW

Камерунскиот кошаркар Џоел Ембид направи вистинска збрка околу репрезентацијата за која би настапувал во иднина. Минатогодишниот МВП играч има тројно државјанство, а две селекции, Франција и Америка, влегоа во „војна“ за негов настап, барем ако се суди според пишувањата од Париз.

Ембид, кошаркар роден во Камерун, има право да игра за Франција или САД во наредниот период. Императивот им е јасен на Французите, Олимписките игри се одржуваат во Париз и нивниот кошаркарски сојуз сака да направи сè за тимот да постигне најдобар резултат, особено по катастрофата на последниот Мундобаскет и испаѓањето по првата фаза од натпреварувањето.

  • Сакаме Ембид да игра за нас, но никогаш не сме му испратиле службено покана. Приказната во медиумите ја создадоа други. Ситуацијата е деликатна бидејќи и американската репрезентација сака Џоел да биде нивни член, изјави првиот човек на француската федерација, Жан Пјер Сијутат.

Бидејќи и САД постигна лош резултат на Мундобаскетот, подготовките за Олимписките игри веќе започнаа, се најавува враќање на „големите имиња“, но и Французите имаат императив наскоро да откријат на кого можат да сметаат.

  • Одлуката за Ембид ќе биде донесена брзо. Се надеваме дека и тој го знае тоа. Треба да имаме одговор до 10 октомври, тој датум го поставивме како краен рок, додава Сијутат.

Франција ќе биде домаќин на Олимписките игри, додека Србија, Канада, Германија, Австралија, Јужен Судан и Јапонија веќе обезбедија пласман на турнирот.