Во изложбениот салон на Музеј на град Неготино на 23 мај од 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „Фрагментирана интроспекција“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс.

„Фрагментирана интроспекција“ е технички умешна и концептуално богата изложбена поставка која ја истражува сложената врска помеѓу нашето Јас, перцепцијата и идентитетот. Го ангажира гледачот и на интелектуално и на емоционално ниво, поттикнувајќи подлабоко истражување на сопственото битие. Оваа изложба е доказ за умешноста на уметникот и неговата способност да пренесува сложени и длабоки концепти преку медиумот на метал, што резултира со прекрасни уметнички дела кои предизвикуваат контемплација“, вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001. Во 2009 дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 гдокторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“. До сега има реализирано 30 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија. Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски… Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР… Тој е член на ДЛУМ од 2009, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 1 јуни.