Фудбалската репрезентација на Македонија веќе на големо се подготвува за првите два натпревара од новото издание на Лига на нациите. Избраниците на Игор Ангеловски прво на 5. септември ќе играат против селекцијата на Ерменија, а три дена подоцна за противник ќе ја имаат репрезентацијата на Грузија.
- За натпреварите против Ерменија и Грузија се повикани фудбалери на кои сметав подолг период и на претходните натпревари. Поради повреда нема да сметаме на Тихомир Костадинов, а Ферхан Хасани ќе недостасува заради „Covid” ограничувањата во Финска. Даниел Аврамовски има пријавено повреда, но е вклучен во составот и ќе допатува во Скопје каде што ќе му бидат извршени прегледи од страна на нашиот медицински тим, се надевам дека ќе биде во ред, изјави Ангеловски.
ФОТО: П.Стојановски