(ФОТО) Причест од иста лажичка во време на корона вирусот

13558

Илјадници православни христијани ширум државава не се исплашија од корона вирусот ниту пак ја испочитуваа забраната за собирање на јавни места, туку масовно чекаа во ред за причестување, обред кој подразбира конзумација леб и вино од иста чаша и иста лажичка.

Во црквата Света Петка во Црниче уште од 7.30 часот почнаа да се собираат верници пред капијата додека црковниот двор се дезинфицираше. Околу педесетина верници еден до друг, без да го почитуваат правилото за социјалната дистанца од два метри, трпеливо чекаа да заврши дезифицирањето и да влезат внатре. Забележително беше тоа што најголемиот дел од верниците не носеа маски и ракавици. Дури ни патролата од тројца полицајци кои во меѓувреме стигнаа во црквата не ги вознемири граѓаните да се оддалечат еден од друг. Полициските службеници ги опоменија поповите дека не се почитуваат мерките против корона вирусот но, за кратко си заминаа.

 

-Иако сме задолжени за спроведување на јавниот ред и мир, не сакавме да направиме револт кај верниците, оти ова е сепак обред кој моногу им значи. Со црковните старешини разговаравме за обезбедување на објектов во следните денови, за време на полицискиот час, изјави за весникот ВЕЧЕР еден од полицајците.

Во меѓувреме, дезинфекцијата заврши, па црковните сослужители почнаа да пуштаат внатре по двајца, но водеа ред прво да влезат мајките со деца, а потоа останатите.

-Вистински верник сум. Постам секој Велигден и ова е многу свечен чин за мене. Многу сум читал за тоа како се пренесува вирусот, ги почитувам сите мерки на безбедност, но не се плашам да се причестам од едно лажиче со сите овие луѓе. Верата не може да е причина за ширење на зараза, напротив вербата во бога ќе не спаси од сите искушенија, изјави за весникот ВЕЧЕР пензионираниот полицаец Коне Кузмановски. Сепак, тој не се согласува со тоа што верниците не држат социјална дистанца меѓу себе и што не се придржуваат кон мерките.

Иста беше сликата и во Соборниот храм каде беа собрани над 200 верници кои од 7 часот изутрина присуствуваа на литургијата, а потоа застанаа во ред, еден позади друг да се причестат. И таму, ретко кој од нив носеше заштита. Сите тие веруваат дека со причестувањето му се доближуваат на Бог. (Е.А.) фото:Н.БАТЕВ