Во градот Утрехт, Холандија, на 21 септември ќе биде отворена изложбата „5х10“, која обединува дела на пет реномирани македонски фотографи: Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл. Оваа групна изложба, составена од по 10 фотографии од секој фотограф, прикажува повеќе од две децении фотографско творештво, фокусирано врз доловувањето моменти од музички фестивали и концерти во Македонија.

Фотографиите претставуваат уникатен приказ на културната и музичката сцена во земјата, каде што емоциите, енергијата и атмосферата на настапите се доловени преку објективите на овие фотографи. Со цел да се прикаже нивната посветеност и уметнички стилови, изложбата ќе ѝ овозможи на публиката увид во разновидните моменти кои ја одбележале македонската музичка сцена. Овој настан не само што ја промовира македонската фотографија, туку и нуди можност за интеркултурна размена, покажувајќи ја поврзаноста помеѓу музиката и визуелната уметност пред интернационална публика.

Претходно изложбата беше поставена во рамките на „Скопје синема сити“, фестивалот за музички документарни филмови. Изложбата е организирана од здружението „Номад-арт“ Скопје, со поддршка на Министерството за култура и Македонската православна црковна општина во Утрехт, „Свети Стефан.“

Настанот има за цел да го промовира македонското културно наследство, а истовремено и да им овозможи на уметниците да се претстават пред европската публика.