„Врвни стратези и менаџери во културниот менаџмент од Британија, преку Форум Скопје, заедно со македонските професионалци ќе бидат вклучени во детектирање на клучни точки, од кои ќе се тргне за да почне здраво да се гради големата слика на креативниот сектор во земјава“, изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Тој, вчера, во центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, го отвори настанот „Форум Скопје – Секторски консултации”, кој е во функција на поддршка и развој на креативните индустрии во нашата земја. Форумот е во организација на Министерството за култура и туризам, Британскиот совет и Унијата на македонските професионални асоцијации во креативни индустрии – УМПАКИ.

Според Љутков, оваа активност произлегува од неодамна потпишаниот Меморандум за разбирање со Британскиот совет со кој се обврзуваме за спроведување на проекти и активности за поддршка на развојот на креативната економија на нашата земја.

„Креативните индустрии, во последните години во глобални рамки се покажаа како исклучително продуктивна и профитабилна област која нуди широк простор за презентирање на вештината, имагинацијата и талентот на креативците и нивно соодветно валоризирање на пазарот“, додаде министерот Љутков.

Тој посочи дека Министерството за култура и туризам е во фаза на формирање на Советот за креативни индустрии составен од стручни лица, кои ќе изработат Национална стратегија за развој на креативните индустрии со Акциски план, а се преземаат подготвителни активности за изработка на ново мапирање на креативните индустрии во Република Македонија, по што наскоро ќе се објави и Конкурсот за финансирање проекти од оваа област.

Вчерашниот настан во Јавна соба, всушност, беше одлична можност за размена на мислења, знаења и искуства за реализација на различни проекти кои ќе го зголемат влијанието на креативната економија и ќе ја збогатат културната понуда во нашата земја. Ова пак, треба да отвори нови можности за културна размена и соработка и да придонесе за подобрување на културниот дијалог и развој на локалната културна сцена, а ќе им овозможи на уметниците и дејците да се поврзат, да разменуваат идеи и да учествуваат во меѓународни проекти.

„Креативните индустрии се и моќна алатка за развој на наративите и идентитетите на едно општество“, рече Даниел Филер, заменик-амбасадор на Велика Британија во земјава.

Според Кирил Ѓозев, претставник на УМПАКИ, овој настан има за цел да го отвори патот за новата идна ера на креативните индустрии во нашата земја и регионот.

„Нашата мисија е да ги поврземе професионалците од сите креативни дисциплини, да поттикнеме иновации и да ги градиме мостовите со меѓународните партнери. Нашата порака денес е дека само заеднички можеме да ги реализираме потенцијалите на нашата креативна економија. Ова е клучна можност за дефинирање на приоритетите кои ќе ја водат креативната индустрија во следните години, поврзување на професионалците од различните сектори и создавање силна мрежа на соработка, како и инспирација од меѓународни искуства благодарение на гостите од Обединетото Кралство…“, посочи меѓу другото Ѓозев.

За време на Форумот беа споделени искуства од експерти од Велика Британија, трендови и добри практики во однос на нивната креативна економија. Притоа беа опфатени темите како градење нов идентитет преку големи културни настани, зајакнување на комуникацијата во секторот, образование за креативни кариери и

подобрување на условите за креативна продукција.

Неодамна во организација на центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, се одржа и „Конференција за развој на креативен туризам во Македонија“ чија цел беше иницирање на идејни проекти за соработка во полето на културата и туризмот. (Д.Т.)