Советот на Град Скопје на последната седница донесе одлука за формирање Комисија за односи меѓу заедниците, која ја сочинуваат по еден претставник на заедниците кои се застапени во градот Скопје, со мандат од четири години.
– Оваа комисија е единствена институционална рамка за комуникација меѓу заедниците на локално ниво, не само од аспект на заштита на малцинските права туку и како можност помалите заедници да учествуваат по прашања за кои Советот треба да одлучува. Со оваа комисија се обезбедува можноста на сите етнички заедници што живеат на територијата на Скопје да учествуваат во процесот на донесување одлуки и креирање политики – соопштија од Градот.
Притоа, тие додаваат дека во својата работа се водат по принципот на инклузија и демократско учество на сите етнички групи.
– Од исклучително значење за подобрување на социјалната кохезија и културниот, општествениот и економскиот живот е учеството на сите граѓани на Скопје, независно од етничките групи на кои припаѓаат. Во таа насока, во изминативе две години секоја градска политика се заснова на идејата за вклученост на етничките групи кои не се мнозинство, во сите градски политики. Двојно повеќе проекти, предводени од здруженија кои припаѓаат на етничките заедници, а кои не се мнозинство на територијата на Град Скопје, се поддржани на јавните повици од областа на културата, образованието и од социјалната заштита. Изработена е и Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието каде што фокусот е ставен на создавањето „едно“ училиште за сите ученици, независно од нивната етничка припадност – информираат градските власти.
Градот Скопје има законска обврска за формирање Комисија за односи меѓу заедниците, во согласност со член 55 став 1 од Законот за локалната самоуправа. Според овој Закон, во општината во која најмалку 20 проценти од вкупниот број жители, утврден на последниот попис на населението, се одредена заедница, се формира Комисија за односи меѓу заедниците. Според став 2 на истиот член, Комисијата ја сочинуваат еднаков број претставници од секоја заедница застапена во општината.