Фон дер Лајен бара уставни измени, Мицкоски амин за одложено дејство!

ЕУ има јасна цел, а тоа е што е можно поскоро да се отвори кластерот фундаментални вредности во пристапните преговори на Македонија во Унијата, но за тоа е потребно да поминат уставните измени на кои земјава се обврзала, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Затоа, претседателката на Комисијата побара политичките сили во земјава да се здружат и да „ги преземат потребните одлучни чекори за напредок“. Премиерот, пак, ѝ порача на Фон дер Лајен дека Македонија очекува Унијата да ни помогне како да ги продолжиме евроинтеграциите „уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои почива самата ЕУ“. Ниту Фон дер Лајен, ниту Мицкоски не открија дали Македонија добила амин од Брисел за идејата за уставни измени со одложено дејство и дали одложено дејство е прифатливо за Брисел.

140

Уставните измени биле тема на разговор на средбата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, но ниту Фон дер Лајен, ниту Мицкоски не открија дали Македонија добила амин од Брисел за идејата за уставни измени со одложено дејство и дали барањето на Мицкоски за одложено дејство е прифатливо за Брисел. На заедничката прес-конференција со Мицкоски, Фон дер Лајен порача дека ЕУ има јасна цел, а тоа е што е можно поскоро да се отвори кластерот фундаментални вредности во пристапните преговори на Македонија во Унијата, но за тоа е потребно да поминат уставните измени на кои земјава се обврзала. Затоа, претседателката на Комисијата побара политичките сили во земјава да се здружат и да „ги преземат потребните одлучни чекори за напредок“. Премиерот, пак, ѝ порача на Фон дер Лајен дека Македонија очекува Унијата да ни помогне како да ги продолжиме евроинтеграциите „уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност, со идеите на кои почива самата ЕУ“. Претседателката на ЕК изрази убедување дека проширувањето ќе остане врвен приоритет на Европската комисија во следните пет години.

– Драг Христијан, бидете сигурен дека проширувањето ќе остане врвен приоритет на Европската комисија во следните пет години. Сега ги имаме сите потребни алатки и инструменти за да го овозможиме тоа. Имаме јасна цел, а тоа е што побрзо отворање на првиот кластер „Фундаментални вредности“. Речиси сме таму. Треба да поминат уставните промени на кои вашата држава се согласи да ги направи. Се надевам дека со заеднички дијалог сите политички сили во земјата ќе се здружат и ќе ги преземат потребните одлучни чекори за напредок. Уверена сум дека можеме да ги надминеме пречките кои сè уште постојат. Мене ми е важно да не се вртиме многу назад туку кон иднината и да го пишуваме следното поглавје од нашата заедничка иднина – заедно. Младите луѓе никогаш нема да ни простат ако не одговориме на овој предизвик. Затоа треба да направиме Северна Македонија да биде дел од ЕУ, изјави шефицата на ЕК, на заедничката прес-конференција со Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали за Европската Унија се прифатливи уставни измени со одложено дејство, какви што предлага актуелната власт, претседателката на ЕК не одговори прецизно, но рече дека ЕУ ќе помогне да се спроведе преземената обврска на земјава во секој дел од евроинтегративниот пат.

-Мошне важно е што имаме јасна цел. Работам колку што можам за да можеме да ги отвориме преговорите за кластерот ‘Фундаментални вредности’. Тоа е нашата краткорочна цел засега и уставните измени треба да се разработат. Сакам да ве уверам дека ќе бидеме со вас на секој дел од патот за да стигнеме до заедничката цел. Може да сметате на нас. Сакаме да го пишуваме следното поглавје од нашата заедничка иднина заедно, порача Фон дер Лајен и ја пофали земјава дека постигнала многу и покажала одлучност во преземањето на секој чекор.

Ќе има ли промена на условите за преговори?! 

Премиерот Мицкоски рече дека македонската Влада останува цврсто посветена на својот пат кон полноправно членство во Европската Унија, но и дека очекува ЕУ да помогне како да го продолжиме тој пат, почитувајќи го ставот на граѓаните.

-Остануваме цврсто посветена како Влада на својот пат кон полноправно членство во Европската Унија. Нашата визија е јасна, сакаме да бидеме дел од европското семејство, споделувајќи ги истите вредности на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права. Свесни сме дека пред нас стојат значајни предизвици. Реформите кои ги спроведуваме во областите на правосудството, борбата против корупцијата, економскиот развој и зајакнувањето на институциите се клучни за нашата иднина. Овие промени не се само услов за членство во ЕУ, туку се неопходни за подобрување на животниот стандард на сите граѓани. Во овие услови на променета геополитичка ситуација во светот, нашата земја останува стабилен, сигурен и посветен партнер на ЕУ. Но, очекуваме Европската Унија заедно со нас да помогне во изнаоѓањето на начини како да продолжи нашиот европски интегративен пат, истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои почива самата ЕУ, рече Мицкоски на прес-конференцијата.

Ниту премиерот не даде прецизен одговор дали во ЕУ има расположение за планот за уставни измени со одложено дејство и дали би добиле некаква гаранција доколку тие се спроведат, дека нема да има нови барања од Бугарија.

-Мислам претседателката беше многу јасна и прецизна на прес-конференцијата. Потребно е да работиме, потребно е да работиме напорно за да дојдеме до целта, а целта е регионот и ние да бидеме дел од европското семејство и ЕУ. Ние како Влада ќе продолжиме и понатаму да ги споделуваме европските вредности. Ќе направиме сè што е потребно од наша страна да ја доближиме ЕУ до граѓаните, нешто што претставува и задача наша, но и желба, бидејќи повеќе од 75 проценти од граѓаните иднината ја гледаат токму како дел од европското семејство. Јас како прв човек на Владата, ќе продолжам да работам исклучиво во интерес на граѓаните и тоа што за нив претставува прв приоритет, а нивен прв приоритет е истовремено да живеат подобро, да владее правото, да се постигнуваат реформи, европските вредности да бидат дел од нашето секојдневие, но истовремено да бидат зачувани гордоста, достоинството, да не бидат понижени и да не бидат поразени. И мислам дека ако направиме една убава синергија, на сето ова за коешто зборував како одговор на вашето прашање, мислам дека ќе дојдеме до конечната цел, а конечната цел е да бидеме дел што е можно поскоро од европското семејство, нагласи Мицкоски.

52 милиони евра за Македонија до крајот на годината

Покрај проширувањето и потребата од уставни измени, претседателката на ЕК зборуваше и за стопроцентната усогласеност на земјава со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и за поддршката на Украина, и се осврна на придобивките од Планот за раст на Западен Балкан.

-Тоа е нашиот заеднички патоказ да ги приближиме економиите на Западен Балкан до нашите и постепено да ги интегрираме нашите економии. Ја отвораме вратата на единствениот европски пазар во одредени сектори за компании од Северна Македонија, а за возврат вие ќе спроведете важни реформи за да имаме изедначено поле за игра, а тоа ќе биде придружено со дополнителни инвестиции од ЕУ во Северна Македонија. Мина веќе една година откако го почнавме ова, и морам да кажам дека земјите од ЗБ ги испорачаа своите резултати, ја имаат агендата за реформи, исто и Северна Македонија. Северна Македонија заврши навистина добра работа, имаме одлични реформи и треба да почнеме со 52 милиони евра до крајот на годината, а треба да добиете повеќе од 750 милиони евра според Планот за раст, рече Фон дер Лајен.

Клучен транспортен центар

Таа нагласи дека Планот за раст ќе испорача мошне конкретни резултати за луѓето и за бизнисите, наведувајќи дека земјата е на добар пат да стане дел од т.н. зона на единствено плаќање во ЕУ, што ќе овозможи преносот на парите помеѓу Македонија и ЕУ да се движи побрзо, побезбедно и слободно.

Фон дер Лајен се осврна и на Заедничкиот инвестициски фонд за ЗБ, иницијатива која е воспоставена пред четири години и преку која во земјата се мобилизирани 1,7 милијарди евра во инвестиции со фокус на транзицијата кон чиста енергија. Таа нагласи дека една четвртина од производството на енергија во земјава отпаѓа на обновливи извори на енергија, а целта е тоа да се зголеми. Во таа насока ги посочи инвестициите во Осломеј и термоелектраната РЕК Битола, кои треба да работат на соларна енергија, ветерниот парк во Богданци, како и во чист транспорт за подобра поврзаност меѓу регионот и Европа, односно во железничката инфраструктура.

-Ова навистина го вклучува мошне важниот проект за железничкиот Коридорот 8 со кој се поврзувате со Албанија и Бугарија, а го имаме и Коридорот 10, којшто минува од Грција кон Будимпешта и минува низ целата ваша земја. Овие инвестиции ќе ја претворат Северна Македонија во клучен транспортен центар и тоа ќе донесе сериозни придобивки за луѓето од Северна Македонија, рече Фон дер Лајен.

Таа се осврна и на соработката во граничната заштита и посочи дека земјава е петтата земја надвор од ЕУ каде што има тим од Фронтекст и каде што во изминатите две години повеќе од стотина граничари ги поддржуваат локалните власти за да се спроведуваат проверките и надзорот, а се во насока на подготовка на земјата за иднината, односно полноправното членство, затоа што во иднина земјава ќе биде надворешна граница на ЕУ. Фон дер Лајен потсети и дека Унијата покажа солидарност со земјава во однос на справувањето со шумските пожари во текот на летово преку активирањето на механизмот за цивилна заштита во два наврата и мобилизацијата на шест воздухоплови и три хеликоптери.

Интеграција согласно Копенхашките критериуми

Претседателката на ЕК, во рамки на еднодневната посета на земјава, оствари средба и со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Како што соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова, шефицата на државата изразила очекување дека „процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги и Копенхашките критериуми, пoтенцирајќи дека во нив е клучот за нашиот развој“.

-Претседателката истакна дека македонските институции во повеќе области се подготвени за забрзана интеграција и вклучување во повеќе иницијативи и мрежи на ЕУ и изрази очекување дека процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги и Копенхашките критериуми, пoтенцирајќи дека во нив е клучот за нашиот развој. Посочувајќи ја важноста од одржување на кредибилитетот на Европската Унија во однос на политиката на проширувањето, претседателката ја истакна потребата од засилена поддршка од страна на европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите. Претседателката изрази подготвеност за натамошно продолжување на дијалогот и ја истакна важноста новиот пристап на постепена, фазна интеграција да продолжи паралелно со процесот на пристапување, стои во соопштението од претседателскиот кабинет.

Сиљановска-Давкова посочила и дека Планот за раст е важен механизам со голем потенцијал, кој ќе ги забрза реформите, ќе придонесе за стандардизација, економскиот раст и напредок и ќе ја приближи земјата до Европската Унија.

Урсула фон дер Лајен вчера пристигна во Скопје од Албанија, која минатата недела се одвои од Македонија и го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија. Земјава остана чекор назад поради неисполнетиот услов – внес на бугарската заедница во Преамбулата на македонскиот Устав. Фон дер Лајен деновиве е на турнеја низ шесте земји од Западен Балкан. Од Скопје, таа замина за Босна и Херцеговина, каде што беше најавено дека ќе ги посети подрачјата погодени од поплавите. Денеска, пак, во Србија, претседателката на ЕК ќе се сретне со претседателот и премиерот на Србија. Својата четиридневна балканска турнеја, Фон дер Лајен ќе ја заврши утре со посетата на Косово и Црна Гора.

Во пресрет на посетата на Фон дер Лајен на регионот, Европската комисија ги одобри реформските агенди на Македонија, Албанија, Косово, Србија и Црна Гора, поврзани со Планот за раст на Западниот Балкан, со кои ти се обврзуваат на социоекономски и фундаментални реформи, што ќе ги спроведат во периодот од 2024 до 2027 година, за да поттикнат раст и поврзување со ЕУ. Одобрувањето на реформските агенди беше клучен чекор за да се овозможат исплати на средства во рамки на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, чија вкупна вредност е шест милијарди евра. (В.С.Н.)