Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија со втор награден конкурс „Раскажувам фотографија“

73

Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија по вторпат распишува конкурс за краток расказ инспириран од стари фотографии насловен „Раскажувам фотографија“. Секој петок, пак, на Фејсбук страната на Фондот на холокаустот ќе биде објавувана фотографија која ќе биде позврзана со животот на Евреите во Македонија. Таа ќе биде лајтмотив за расказот.

“Во расказите треба да доминираат случувања од животот на Евреите во Македонија во минатото. Прифатливи ќе бидат раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон искоренување на омразата и разградување на предрасудите, раскази кои се бават со соочување со минатото, холокаустот, емпатија, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите. Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција“, велат од Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија. Оттаму посочуваат расказите да не бидат подолги од 100 реда, (три страници со новинарски проред или најмногу до 7.000 карактери). Авторите можат да пишуваат на македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски или англиски јазик и досега да не биле објавувани. Право на учество имаат сите полнолетни лица, афирмирани, но и оние кои немаат објавувано. Секој може да учествува со најмногу три  раскази. Ракописите треба да се испратат на: info@holocaustfund.org.mk со назнака: За конкурсот „Раскажувам фотографија“

Конкурсот почнува со објавување на првата фотографија и тема, на 3. септември 2021, а последната, десета е во ноември 2021 година. Резултатите ќе бидат објавени на 10 декември 2021, а наградите ќе бидат врачени на 26. декември – Ден на возобновување на Еврејската заедница во Македонија.

Првата награда изнесува 25 000 денари, втората – 15 000 денари, а третата – 10 000 денари. Најдобрите раскази, според жири комисијата, ќе бидат објавени на ФБ страната на Фондот на холокаустот. Сите учесници ќе добијат и благодарница.