Љумаковска многу емотивно ја отпеа несудено победничката песна, чии трогателни стихови ги напиша извонредната новинарка Анита Даева. Песната меланхолично зборува за неодамна починатиот татко на Љумаковска, добриот чичко Драги. Преку оваа песна, таа му се обраќа на татко си и малку недостигаше да пушти река солзи на сцената, од преголемиот наплив на емоции. Сепак, храбро издржа
–
Што да се каже за популарниот македонски „Фолк-фест Роса 2024“, 25. по ред, а да не биде дека се повторуваме, бидејќи и пред фестивалското издание, но без славеничка торта, речиси сè беше кажано – и за песните и за учесниците. Сè сами потенцијални хитови и популарни македонски пејачи. А, така е веќе 24 години, откако се изродија големите македонски евергрини од овој фестивал: „Чекај, животе, ми се живее“, „Око мое“, „Здраво живо, домаќини“, „Ти, само ти“, „Лазарополе“, „Што ќе ми е да се отрезнам“ и многу други. Така ќе биде и со годинашните 17 нови песни…Покрај тебе станав маж, Невино виновна, Остани, Свири румба, Жива да е Македонија, Кум и старосват, Прости му срце мое….. Внимателно одбрани од тимот на Радио Роса и од вредниот сопственик, Александар Димитров-Аце.
–
Да имаше награди и од публиката и од жирито (инаку, фестивалот е од ревијален карактер), ќе се обложевме дека сите ќе завршеа во рацете на одличната Анета Љумаковска. Многу емотивно ја отпеа песната „Збогум без збогум“, чии трогателни стихови ги напиша извонредната новинарка Анита Даева. Песната меланхолично зборува за неодамна починатиот татко на Љумаковска, за омилениот чичко Драги Љумаковски, но и за сите татковци што заминале во вечноста. Преку оваа песна, таа му се обраќа на татко си, па малку недостигаше да пушти река солзи на сцената, од преголемиот наплив на емоции. Сепак, храбро издржа. И сè си беше на свое место. Разбирливи се нејзините емоции, бидејќи така е кога за навек си заминува сакан член од семејството. Силната мелодија е на Бојан Здравески, а аранжманот е на Љупчо Соколовски. И придружбата – хармониката на Димитар Митовски, виолината на Џеват Рамаданоски и, секако, членовите на групата „Ди Капо бенд“.
–
–
–
На сцената во Домот на АРМ (кој, за несреќа, таа ноемвриска ноќ не беше загреан иако салата беше исполнета до последното место), пејачите со своите убедливи темпераментни интерпретации ги згреаја дланките на љубителите на македонскиот фолк. Луѓето и пееја и се радуваа, одушевени од настапите на своите миленици: Мишко Крстевски, Нино Величковски, Ленче и Горан Кукиќ, Благоја Грујоски, Ташко Каранфиловски, Кате и групата „Соната“, Стојне Николова, бендот на браќата Нуне, групата „Фортуна“, групата „Биоритам“, Василија Петрова, Дамјан Стојановски…
–
Впрочем, како и со бисерниот начин на водење на познатата водителка Ирена Спировска. Предобро, вкусно облечена во црн вечерен фустан, уште еднаш потврди дека е, без дилема, една од петте најдобри македонски водителки.
–
Единствени фестивалски награди беа оние за животно дело. Нив ги добија фолк-ѕвездата Смиља Митровска (од некогашното славно „Тавче-гравче“), композиторот Мирче Кикиритков и авторот на стиховите – Огнен Неделковски, кој 35 години е присутен на естрадата. Има огромна хитовска километража зад себе, создавајќи над 1.500 текста за песните не само во фолкот туку и во забавната и во поп-музиката како, на пример: „Запри, дожду“, „Приказна за Ангелина“, „Слушај ги камбаните“, „Ех, да свири Садило“, „Пеј, срце, пеј“, „Розо моја“, „Кому да запеам“, „Уште еднаш“, „Судбина било“, „Проклети да се предавниците“, „Темјана“…
–
Сепак, колку и заслужено да го фалиме „Роса фолк- фест 2024“, единствениот недопустлив пропуст на организаторите е тоа што 25. роденден на фестивалот не беше „залиен“ ниту со една чаша вино, ниту со торта, ниту со некоја здравица. Дали поради финансиската криза или така требаше да биде, кој да знае?! Важно е дека песната останува да се пее. И тоа не каква било песна, туку онаа најубавата, хитовска „росфестовска“, македонска!
Дуле Миќиќ