Флорентино Перез ја загуби битката против ПСЖ!

1790
epa10219042 President of Real Madrid Florentino Perez speaks during the Ordinary and Extraordinary General Assemblies of the Spanish La Liga's team Real Madrid, in Madrid, Spain, 02 October 2022. EPA-EFE/FERNANDO ALVARADO

Реал (М) конечно мора да признае еден пораз. Првиот човек на „кралскиот клуб“ Флорентино Перез не успеа да постигне договор со Лил околу трансферот на младиот дефанзивец Лени Јоро.

Талентираниот дефанзивец, кој има само 18 години наскоро ќе стане нов играч на францускиот шампион ПСЖ. Парижаните го договорија неговиот трансфер со Лил и го победија Реал (М) во трката за неговиот потпис.

Флорентино Перез не сакаше да троши огромни пари за овој млад играч, иако му предвидуваат голема иднина, тој веруваше дека Јоро не вреди повеќе од 30 мил. евра.

Токму толку понуди шпанскиот гигант, но понудата беше одбиена од челниците на Лил, а потоа се појави ПСЖ.

Парижаните за разлика од Реал (М) не сакаа да се пазарат и без проблем се договорија да платат 50 мил. евра за Јоро кој од следната сезона ќе го носи дресот на тимот од „Паркот на принцовите“.

Иако има само 18 години, Лени Јоро е доста доминантен на теренот. Стандарден е во првиот тим на Лил и не е ни чудо што беше избран во идеалниот тим на првенството.

Со своите игри го привлече вниманието на големите клубови, а трансферот беше сосема очекуван и прашање беше само кај кој гигант ќе заврши.

Во Париз можат да се радуваат што барем еднаш го победија Флорентино Перез, кој годинава доминира на сите можни полиња..

Меѓутоа, доколку претседателот на Реал (М) беше подготвен да понуди идентична сума како и ПСЖ, веројатно немаше да има дилема каде ќе заврши младиот фудбалер.

Перез веќе им ги расипа плановите на „светците“ бидејќи им ја одзеде главната ѕвезда во тимот, Килијан Мбапе, кој наскоро ќе биде претставен како нов член на „кралскиот клуб“.

Кога е во прашање Лени Јоро тој оваа сезона одигра вкупно 44 натпревари за Лил и постигна три гола.