„Во претставата ‘Фирма’, работена според текст на реномираниот германски автор Роланд Шимелфенинг, преку конфликтни релации на шест ликови зборуваме за бескрупулозноста и суровоста во капиталистичкото општество. Тие луѓе кои се во постојана трка да стигнат на врвот на хиерархиската пирамида во корпорацијата ги користат сите вербални средства и механизми кои ги имаат за да дојдат до целта што ја имаат зацртано. Како резултат на нивните борби и суети остануваат крајно осамени, а нивните животи се потполно празни“, вели за весникот ВЕЧЕР, режисерката на претставата, Нела Витошевиќ. Премиерата на „Фирма“ на 3 октомври во Драмскиот театар во Скопје ќе го отвори второто издание на регионалниот театарски фестивал РУТА
„Во претставата ‘Фирма’, работена според текст на реномираниот германски автор Роланд Шимелфенинг, преку конфликтни релации на шест ликови зборуваме за бескрупулозноста и суровоста во капиталистичкото општество. Самиот текст е напишан како класичен дијалог во форма на интроспекции. Значи дијалогот е испресечен со интроспекции, а преку дијалозите се отвораат приказни на луѓе кои се во постојана трка да стигнат на врвот на хиерархиската пирамида во корпорацијата и ги користат сите вербални средства и механизми кои ги имаат за да дојдат до целта што ја имаат зацртано. Како резултат на тие нивни борби и суети тие остануваат крајно осамени, а нивните животи се потполно празни. Таа празнина и осаменост ја гледаме токму во интроспекциите каде што тие преку внатрешните мисли зборуваат за себе и за својата осаменост. На некој начин целата претстава зборува за таа постојана трка со време во капитализмот и како капитализмот ги отуѓува луѓето едни од други“, вели за весникот ВЕЧЕР, Нела Витошевиќ, режисерка на претставата „Фирма“, со чија премиера на 3 октомври, во 20 часот, во Драмскиот театар во Скопје ќе се отвори второто издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.
Како што додаде Витошевиќ оригиналниот наслов на текстот е „Push up 1-3“, но направена е негова адаптација. Роланд Шимелфенинг, пишува нова современа драма и е познат и многу поставуван не само во Европа, туку и во Америка, а преку текстот храбро прави вивисекција на капиталистичкото општество и последиците што доаѓаат како резултат од така поставениот систем.
Витошевиќ ликовите од овој актуелен текст им ги доделува на: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Розе Трајчевска – Ристоска, а изборот на музиката е на режисерката. Претставата „Фирма“ во Драмски театар ќе се изведе и на 13 и 14 октомври.
Инаку, по свеченото отворање на фестивалот РУТА со оваа премиера на Драмски театар, на 4 октомври (среда) македонската публика ќе може да го проследи и „Декамерон“ – на Градско позориште Подгорица во копродукција со Народно позориште Ниш. Претставата е во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски.
„Нора“, пак, е претставата на Местно гледалишче Љубљана, Словенија што ќе се одигра на 5 октомври (четврток) во режија на Нела Витошевиќ.
На програмата на четвртиот фестивалски ден, 6 октомври (петок) е претставата „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево. Режијата е на Дино Мустафиќ, според текст на Флоријан Зелер.
Београдско драмско позориште пред нашата публика ќе ја изведе претставата „Самрак на боговите“ во сабота на 7 октомври во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.
Со претставата „Отело“, пак, театарот Улисис од Хрватска го затвора фестивалот РУТА во недела, на 8 октомври. Режијата е на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите освен на актерите на Улисис е направена и со членовите на „Сараевски ратни театар“ од Сараево.
Всушност со шеснаесеттата по ред РУТА, Драмски театар Скопје ја отвора театарската сезона на која македонската публика има ексклузивна можност да проследи претстави направени во копродукција на повеќе театри и режисери од регионот. (Н.И.Т.)