Министерството за одбрана на Финска одлучи да формира командно место на копнените сили на НАТО во градот Микели, кој се наоѓа на 140 километри од руската граница, се наведува на официјалната веб-страница на финскиот воен оддел.
Шефот на Министерството за одбрана на земјата, Анти Хаканен, истакна дека штабот на командата на финските копнени сили веќе се наоѓа во Микели и, комбинирајќи го со базата на Северноатлантската алијанса, Финска ќе ја добие „најдобрата можна синергија меѓу координација на нашата национална одбрана и координација на одбранбените способности на НАТО“, пишува The Moscow Times.
Во нормални околности, базата ќе биде одговорна за вежбите на НАТО и „другите мирољубиви акции во областа“, прецизираше финското Министерство за одбрана.
Во случај на криза, во штабот ќе биде сместен шефот за операции на копнените сили на Северноатлантската алијанса. Командата ќе вклучува персонал од сојузничките и финските одбранбени сили.
Градот е избран поради неколку причини: веќе има седиште на финската армија и има аеродром. Тоа е и главен град на провинцијата Јужна Савонија, од каде што е и самиот Хаканен.
Подготовките за создавање на седиштето на НАТО во Микели станаа познати пролетва.
Финските власти ја донесоа оваа одлука „за зајакнување на превентивното одвраќање“ во контекст на тековната војна во Украина и обидите на Русија да предизвика миграциска криза на границата.
Финскиот министер за одбрана рече дека преговара со неколку земји од НАТО за распоредување на сојузничките трупи во Микел.
Според него, целта е да се осигура дека овие сили можат да пристигнат во „кризни ситуации“, што тој, меѓу другото, го припиша и на „напнатата атмосфера на границата“.
Покрај базата во Микели, Финска би можела да отвори нов штаб на НАТО во Рованиеми или Соданкила.
Во април 2023 година, Финска официјално стана 31-ва членка на НАТО. Откако оваа земја влезе во воената алијанса, руското Министерство за надворешни работи предупреди на зголемени закани од конфликт со НАТО.
Рускиот претседател Владимир Путин призна дека Хелсинки може да има проблеми во контекст на приклучувањето кон Северноатлантскиот договор.