Кисела Вода има таленти кои ја позиционираат високо на меѓународната спортска сцена и тоа е успех кој Општината треба да го цени, вреднува и награди, беше заклучокот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој оствари средба со Иван Ѓорѓиовски, освојувач на бројни медали во теквондо натпреварувањата.
Овој 18-годишник од Припор, само во 2022 година има освоено четири медали на меѓународни турнири-златен во Вршац, бронзен во Зрењанин, прво место во својата категорија на натпреварот “Скопје Опен”, како и трето место во Ниш, во конкуренција од 1.800 натпреварувачи.
Градоначалникот Ѓорѓиевски му честиташе за успехот и најави еднократна финансиска поддршка, од Општина Кисела Вода, бидејќи континуираните високи достигнувања, посебно во спортот, значат добра лична, но и одлична презентација на Македонија пред Светот.
Исто така, тие се одличен пример и стимул за останатите млади луѓе кои во моментот ги формираат своите приоритети. На средбата тој продисктира и со Јане Стојчевски, основач и тренер на теквондо клубот “Корио-Кисела Вода”, кој постои веќе 9 години. Тој му ги презентираше бројните успеси остварени од членовите од А-класата.
Покрај Иван, кој е во категорија на сениори, големи достигнувања на меѓународни натпреварувања, имаат и Михаил Гелевски-едно злато и една бронза, Александар Ангеловски три бронзи, Александар Цветковски три бронзи, Емилија Костовска два сребрени медали, како и Дамјан Цветановски кој има освоено еден златен медал.
Општина Кисела Вода им посакува успех на сите натпреварувачи од “Корио-Кисела Вода”во натпреварувањата во претстојната сезона.