Министерството за култура по неколкумесечно замрзнување на средствата заради финансиска контрола, конечно заврши комплетно со исплатата на проектите од годишната програма за кои е утврдено дека нема никакви спорни моменти, а се реализирани. Надлежните посочуваат дека се работи за износ од над 29 милиони денари. Во тек, како што велат, е инспекциски надзор од страна на внатрешната инспекција врз предметите за кои работната група констатираше дека се спорни, а за кои посочуваат дека средствата кои веќе биле исплатени ќе треба да се вратат.

„Во музичката дејност вкупно девет корисници, по претходно завршување на инспекциски надзор од страна на Секторот за управен и инспекциски надзор при Министерството за култура и целосно спроведување на законската постапка, е потребно да извршат враќање на веќе уплатените средства, со што овие договори ќе се раскинат. По овој основ ќе се бара враќање на 755 илјади денари. Исто така, се констатираше и дека на вкупно 11 проекти веќе се врши инспекциски надзор и по неговото завршување инспекторот за култура ќе достави соодветни мерки за нивно разрешување“, велат од Министерството за култура.

Во фолклорната дејност пак, седум корисници не го реализирале проектот и/или не доставиле комплетна документација, па договори и со овие корисници во вредност од 1,1 милион денари ќе треба да се раскинат. По инспекцискиот надзор и од 14 корисници ќе се бара враќање на уплатените средства во вкупен износ од 779. 202,00 денари.

„За интердисциплинарните проекти е констатирано дека има проблем со тројца корисници со кои ќе се раскинат договори во вредност од 550 илјади денари. Два договори пак, треба да се раскинат затоа што за нив корисниците не доставиле комплетна документација и докази за реализиран проект, за што ќе се бара враќање на средства во износ од 135 илјади денари.

За вкупно 76 проекти од дејностите фолклор, музичка и музичко-сценска дејност и интердисциплинарните проекти, пак, Министерството за култура ќе ги информира Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупција и Управата за финансиска полиција со цел тие да извршат контрола на работењето на Министерството за култура во делот на законската основаност на склучените договори и анекси на договори на 24.7.2020.  По добивањето на одговор од институциите, велат од Министерството, проектите од годишната програма ќе бидат расчистени целосно. (Д.Т.)