Филм: „Вествуд: панкерка, икона, активист“ – за Вивиен Вествуд

111

„Вествуд: панкерка, икона, активист“ во режија на Лорна Такер е документарецот кој утревечер (27 август) со почеток од 23 часот во Куршумли-ан ќе се прикаже во рамки на 10. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Ова остварување е за жената која ги создаде и претстави најнеобичните модни решенија во нашата ера. Уште од првите проблесоци на панк-движењето, привремено придружувана од Малколм Мекларен – менаџерот на „Секс пистолс“, таа е внесена во „прекројувањето“ на британската мода. Мајсторски изведена реконструкција, архивски снимки и подробни интервјуа со фасцинантната Вивиен Вествуд. Интимен и возбудлив омаж за животниот пат на оваа икона, од поствоениот период во Дербишајр до модните писти во Париз и Милано низ борбата за зачувување на вредностите на нејзиниот бренд наспроти глобализмот и неуморниот консумеризам.