На големото платно, како и на стриминг платформите во 2022 година ќе пристигнат филмски наслови кои публиката ги очекуваше подолг период. Станува збор за новиот филм „Бетмен“, како и вториот дел на револуционерниот научно-фантастичен блокбастер на Џејмс Камерон „Аватар“. Оваа година публиката ќе може да погледне и биографски филм за Мерилин Монро, но и да види дали Месечината ќе се судри со Земјата…

Пристигна 2022 година и веруваме дека таа ќе донесе надеж дека пандемијата предизвикана од ковид-19 конечно ќе замине во историјата… А оваа година љубителите на филмови ќе можат да уживаат во повеќе наслови, а некои од нив се продолженија на познати филмски остварувања…

„Омажи се за мене“ (Marry Me)

Филмот „Омажи се за мене“ во кој латино суперзвездата Џенифер Лопез глуми со Овен Вилсон и прикажува детали од животот на Џеј Ло треба да се појави на почетокот на 2022 година. Имено, приказната во филмот ја следи познатата пејачка Кет Валдез (Лопез) која треба пред бројните обожаватели да се омажи за подеднакво познатиот музичар Бастијан (го глуми младиот актер и композитор Малума). Но неколку моменти пред размената на заклетвите таа дознава дека Бастијан ѝ бил неверен и решава да се омажи за еден странец од публиката (Овен Вилсон) кој држи знак „Омажи се за мене“… Оваа романтична комедија е во режија на Кат Коиро.

„Смрт на Нил“ (Death on Nile)

И новата филмска адаптација на класикот на Агата Кристи – „Смрт на Нил“, во режија на Кенет Брана, на големото платно е предвидено да се појави на почетокот на оваа 2022 година. Дејствието се одвива среде пустина, и додека е на крстарење по Нил, познатиот детектив Херкул Поаро мора да го истражи убиството на младата наследничка… Кенет Брана, покрај на режисеркото столче, е задолжен да ја толкува улогата на Херкул Поаро, а покрај него играат актерите Гал Гадот, Том Батеман, Роси Лесли и Арми Хамер.

„Падот на Месечината“ (Moonfall)

Во февруари 2022 на големото платно пристигнува научно-фантастичната авантура „Падот на Месечината“ или „Moonfall“. Во него мистериозна сила ја изместува Месечината од нејзината орбита и се очекува таа да се судри со Земјата. Само неколку недели пред ударот, кога светот е на раб на уништување, извршната директорка на НАСА и поранешна астронаутка Џо Фаулер е убедена дека може да го спаси светот, но само еден астронаут од нејзиното минато, Брајан Харпер и теоретичарот на заговор К.С. Хаусман ѝ веруваат. Овие невообичаени херои ќе направат невозможна последна мисија во вселената, оставајќи ги зад себе сите што ги сакаат, само за да откријат дека нашата Месечина не е онаква каква што мислиме дека е. Сценариото во многу потсетува на познатиот филм „Армагедон“. Режијата е на Роланд Емерик, а улогите ги толкуваат Хали Бери, Патрик Вилсон, Џон Бредли, Мајкл Пења, Доналд Сатерленд.

„Бетмен“ (The Batman)

Најновиот филм за Црниот витез во кој главната улога ја толкува Роберт Патисон – на големото платно ќе може да се види во март 2022 година. Веста дека токму Патисон ќе биде новиот Бетмен, односно Брус Вејн ја подели публиката и додека некои едвај чекаат да го видат, други мислат дека тоа ќе биде неуспех. Во филмот, Бетмен открива корупција во Готам Сити што е поврзана со неговото семејство додека се соочува со серискиот убиец познат како Ридлер. Оваа крими драма – акција ја режира Мет Ривс, а ѕвездениот тим го сочинуваат Зои Кравиц како Селина Кајл, Пол Дано како Едвард Нештон, Џефри Рајт како Џејмс Гордон, Џон Туртуро како Кармин Фалконе, Питер Сарсгард како окружниот обвинител Гил Колсон, Енди Серкис како Алфред и Колин Фарел како Пингвинот.

„Фантастични ѕверки: Тајните на Дамблдор“ (Fantastic Beasts: The Secrets of Dumbledore)

Љубителите на филмовите на Хари Потер, во април 2022 ќе можат да уживаат во најновото продолжение на многу слична тема и од истата авторка Ј.К. Роулинг – „Фантастичните ѕверки“. Иако вториот филм на „Фантастичните ѕверки“ беше комерцијално разочарување, но и со лоша оценка од критиката, постои надеж дека третиот дел ќе ѝ се допадне на публиката. Во овој дел актерот Мадс Микелсен го заменува Џони Деп како злобникот Гринделвалд, а актерите Еди Редмејн, Џуд Ло, Кетрин Вотерстон, Ден Фоглер, Алисон Судол и Езра Милер ги повторуваат своите улоги од претходните филмови. Режијата на оваа фантастична авантура која ги следи авантурите на Њут Скамандер е на Дејвид Јејтс.

„Русокоса“ (Blonde)

Да се обложиме дека нема попознато име и лице од она на Мерилин Монро – нејзиниот лик, дело и живот станаа дел од светската култура. Но, оваа култна актерка никогаш не добила биографски филм за достојно да ја опише.
Шанса за тоа е филмот „Русокоса“ во кој Мерилин Монро или Норма Џин ќе ја глуми Ана де Армас, а ќе се прикажува на Нетфликс. Иако датумот на објавување сè уште не е познат, се шпекулира дека филмот секако ќе го гледаме во 2022 година. Остварувањето, што е во режија на Ендрју Доминик, жанровски е определен како биографска драма и ќе претставува “хроника на животот на Мерлин Монро“. Покрај, Ана де Армас во филмот игра и Адриен Броди.

„Флеш“ (The Flash)

Оваа година нè очекува уште еден филм со суперјунак, а покрај „Бетмен“, публиката на крајот на годината ќе може да го погледне и филмот „Флеш“. Во ова остварување ќе се појави актерот Мајкл Китон и повторно ќе го толкува Бетмен, речиси 30 години по неговата прва и култна изведба на овој суперхерој. Според многумина, всушност Китон е најдобриот Бетмен на сите времиња, а сега повторно публиката ќе може да го види во таа улога. Во филмот „Флеш“, Китон ќе глуми покрај Езра Милер кој се враќа во улогата на Бери Ален, односно Флеш. Во филмот, Бетмен го следи Флеш додека патува низ времето за да ја спречи смртта на неговата мајка…. Оваа акција-авантура, во режија на Енди Мушиети е најавена за ноември 2022 година, а во неа помладиот Бетмен, пак, го толкува Бен Афлек.

„Длабока вода“ (Deep Water)

Бен Афлек во 2022 година ќе го гледаме во уште еден психолошки трилер кој потсетува на одличиот филм „Gone Girl“ или „Исчезната“. „Длабока вода“ се заснова на истоимениот роман на Патриша Хајсмит, а во него Афлек глуми со Ана де Армас, Трејси Летс, Рејчел Бланшар и Џејкоб Елорди. Филмот ја следи приказната на еден добро ситуиран сопруг кој дозволува неговата жена да има афери за да избегне развод, но станува главен осомничен за исчезнувањето на нејзините љубовници… Филмот, кој е во режија на Адријан Лајн, извесно е дека ќе се прикажува на стриминг платформите.

„Црниот пантер: Ваканда засекогаш“ (Black Panther: Wakanda Forever)

Иако смртта на актерот Чедвик Боусман го доведе во прашање продолжението на Марвеловиот „Black Panther“, филмот сепак пред публиката излегува во 2022 година насловен како „Црниот пантер: Ваканда засекогаш“. Остварувањето ќе се фокусира на Шури, помладата сестра на Т’Чала, чија улога ја толкува актерката Летиција Рајт. Режисер на филмот повторно ќе биде Рајан Куглер, а членовите на актерската екипа за кои се очекува да се вратат на големото платно се Лупита Нионго, Данаи Гурира, Мартин Фримен, Винстон Дјук и Анџела Басет.

„Аватар 2“ (Avatar 2)

Долгоочекуваното продолжение на револуционерниот научно-фантастичен блокбастер на Џејмс Камерон од 2009 година, конечно ќе ја има својата премиера во декември 2022. Филмот ќе нè врати на планетата Пандора, каде Џејк Сали живее со своето ново семејство. И откако ќе се врати познатата закана за да го заврши она што претходно беше започнато, Џејк мора да работи со Нејтири и армијата на расата Нави за да ја заштити Пандора. Сем Вортингтон, Зои Салдана, Стивен Ланг и Сигурни Вивер ќе се вратат во своите улоги од првиот филм, додека пак новата актерска екипа ги вклучува Кејт Винслет и Мишел Јео. (Н.И.Т.)