Филмот „Опенхајмер“ (Oppenheimer) на британскиот режисер Кристофер Нолан е најголемиот победник на наградите Златен глобус. Оваа историска драма за научникот Џ. Роберт Опенхајмер, освои вкупно пет награди, вклучувајќи ја и главната. „Опенхајмер“ е прогласен за најдобра драма, Килијан Марфи и Роберт Дауни Џуниор беа наградени за нивните актерски изведби, како најдобар актер и најдобар спореден актер. Кристофер Нолан, пак, ја доби наградата за најдобар режисер, а филмот ја доби и наградата за музика – на Лудвиг Горансон.

Килијан Марфи и Роберт Дауни Џуниор

Комедијата „Кутрите нешта“ (Poor Things) на Јоргос Лантимос со Ема Стоун во улогата на почината жена која научниците ја оживеаа, ја победи „Барби“ во трката за најдобра комедија или најдобар мјузикл.

„Барби“ на режисерката Грета Гервинг ја освои наградата за филмско остварување и најголема заработка, со заработка од 1,4 милијарди долари ширум светот.

За најдобар странски филм е прогласена француската драма „Анатомија на падот“ (Anatomy of a fall), која ја доби наградата и за најдобро сценарио.

Златниот глобус за најдобра актерка во драма го освои Лили Глeдстон за улогата во филмот „Убијци на цветната месечина“ (Killers of the Flower Moon) на Мартин Скорсезе, додека за најдобар актер во комедија е прогласи Пол Џамати за улогата во филмот „Божиќните сирачиња“ (The Holdovers).

Наградата за најдобар анимиран филм ја доби „Момчето и чапјата“.

 

Фото: ЕПА-ЕФЕ