Министерството за правда го презентираше предлог-законот за Судски совет пред судиите од скопското апелационо подрачје, во големата сала на Врховниот суд. На законските измени изминатиов период работеше работна група составена од експерти, а се дел од реформската агенда на Европската Унија за земјава. Дека законот мора да се менува препорача и оценската мисија на ЕУ по мониторингот направен во Судскиот совет, кој следуваше како реакција на превирањата меѓу членовите кои, пак, лошо влијаеја и на така слабата доверба во судството. Министерот Филков ги слушна сугестиите од судиите по предлог-законските измени и рече дека новото законско решение треба да го врати интегритетот и професионалноста на РСС.
„Реформската агенда, која официјално беше одобрена од Европската комисија, на 23 октомври годинава, нè обврзува до јуни 2025 година да имаме нов закон за Судски совет, во којшто ќе бидат адресирани препораките од Оценската мисија. Не очекува и обврската нацрт-законот да биде разгледан од страна на Венецијанската комисија пред усвојувањето во државата што создава притисок за што поскоро завршување на процесот, рече Филков.
Министерството за правда со посебно внимание ќе ги третира предлозите од судската фела во делот за условите и постапката за избор на членовите на судскиот совет, мандатот и одговорноста, дисциплинската постапка на судија, постапката по жалба, избор, престанок и разрешување на судија.
-Ние само ја изготвуваме и предлагаме законската основа за функционирање на судството. Реализацијата на секоја законска норма од овој дел зависи од секој судија, јавен обвинител, член на судскиот совет, член на советот на јавни обвинители и дигнитетот и професионалноста на секој од нив. Токму затоа, секој од споменатите е должен да ја докаже својата професионалност и интегритет во своето постапување. За постигнување на оценката дека во државата владее правото, не е доволно само постапувањето на институциите на државата, туку клучно е и процесирањето на секоја кривична пријава во разумен рок, подигнување на соодветни и издржани обвинителни акти и секако ефикасна судска постапка по однос на секое поднесено обвинение, потенцира министерот за правда
Работната група за измени во законот за Судски совет работеше 5 месеци на верзијата. Законот мора да биде приоритет, да се изгласа до јуни следната година, бидејќи ЕУ е подготвена да пушти 15 милиони евра финансиска помош за правосудството, беше истакнато на тркалезната маса за предлог-законските измени. Дел од измените се однесуваат на изборот на членови во РСС од редовите на судиите, според нив треба да има повеќе од 50 отсто излезност за да има легитимен избор, како и тоа избраниот член од судската фела да ги има повеќе од половината од гласовите. На изборното ливче да стои опцијата за или против, стои во предлогот. Со предложените измени, меѓу другото, се сугерира зајакнување на критериумите за избор на членови на Судскиот совет, изборот да се врши од Независна комисија за спроведување на изборот по примерот на Антикорупциската комисија, како и заострување на критериумите за избор на членови на ова тело од редот на истакнати правници што ги предлага Собранието тие да бидат со најмалку 20 годишен стаж и да доаѓаат од првите три рангирани универзитети во земјава. Се предлага поконкретно дефинирање на постапката за престанок на мандатот, односно за разрешување на членовите на Судскиот совет. Беа изнесени и предлози за депрофесионализација на членовите на Судскиот совет, што би им овозможило да извршуваат судска дејност, а не како сега – да им мирува судиската функција. (П.А)