Филипче: Ќе соработуваме со ОЈО за да се расчисти аферата со вакцините

69

Вакцините за мали сипаници беа со уреден рок, а тоа што се вклучува Основното јавно обвинителство во случајот, го поздравувам. Ќе бидеме достапни за соработка за да се расчисти оваа афера и да имаме чиста ситуација, истакна вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

Во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, министерот Филипче нагласи дека е отворена опцијата да ја прекинат соработката со „Македонија лек“.

– Се уште ги држам сите опции отворени. Ние од страна на Министерството за здравство сериозно размислуваме и за прекинување на соработката со „Македонија лек“. Внимателни сме затоа што се уште имаме договор од којшто влечеме вакцини од нив. Не сакаме да го загрозиме бројот на вакцини кои треба да бидат достапни за пациентите, рече Филипче.

Нагласи дека како Министерство гарантираат за безбедноста на вакцините, а во однос на различните толкувања и обвинувањата од јавноста за вакцинирањето на неговата внука, појасни дека целта на промоцијата била да се стави акцент на имунизацијата и оти сакал да даде личен пример дека она што го говорат како здравствени работници за вакцинацијата, го спроведуваат. Додаде дека внуката била вакцинирана од дитепер вакцина и оти кога ќе дојде време, ќе биде вакцинирана и со МРП.

– Личниот пример е одличен начин да се презентира во јавноста дека она што го мислиме и зборуваме, го правиме. Стојам на тоа дека со личен пример се дава добра порака и повторно би го направил тоа. Жал ми е што политичките противници се обидуваат да ја изместат вистината. Не се секирам за ударите против мене, но со тоа сериозно се урива довербата во здравствениот систем, а тоа го загрозува јавното здравје, истакна Филипче.

Задоволен е од опфатот на вакцинација откако е прогласена епидемијата на морбили, а дали мерката со која се забранува примање невакцинирани деца во градинките ќе се примени и во останатите градови, одлука ќе донесе Комитетот за заразни болести доколку процени дека е потребно.

Соопшти дека досега се регистрирани 100-тина случаи, од кои 30 се хоспитализирани.