Филипче: младите лекари ќе се вработуваат во примарна здравствена заштита, во Итна медицинска помош…

173

Унапредување и зајакнување на здравствен систем посебно во услови на масовни катастрофи и кризи е целта на едукативната обука за Итната медицинска помош и менаџирање на ресурси. Ќе се едуцираат здравствени работници, но и претставници на полицијата, Армијата и Противпожарната бригада со цел подобро да се справат при масовни катастрофи. Обуката ја спроведува тим експерти од Државата Израел.

Mинистерот за здравство Венко Филипче појасни дека едукацијата е резултат на потпишаниот Договор меѓу Министерството за здравство, Државата Израел и Фондот за иновации и технолошки развој, со кој ги користат израелските искуства во оваа сфера на делување. 

– Пред неколку недели се случи трагедијата кај Ласкарци и покажавме дека здравствениот систем можеме многу брзо да го мобилизираме и да дадеме помош на сите повредени, но со оваа експертиза токму од Израел каде имаат знаење и искуство сакаме тој систем дополително да го унапредиме. Во текот на утрешниот ден ќе се одржи симулациска вежба, ќе се користат во хиперреални услови вежби и тренинг на различни модели и кукли и со тоа сите млади лекари кои денеска присуствуваат на овој тренинг значително ќе ги наградат нивните знаења. Присутни се присутни и претставници на МВР, Противпожарната служба и на Армијата и со тоа го унапредуваме мултисекторскиот и интерсекторскиот пристап односно нивната соработка. Ќе се обидеме да направиме систем на тренинг за сите млади лекари кои почнуваат со пракса, рече Филипче.

Филипче појасни дека како посебна програма на Министерството за здравство согласно измената на Законот за здравствена заштита, сите млади лекари ќе добијат шанса за работно место во системот на примарна здравствена заштита, во службата за Итна медицинска помош, вакцинација и патронажни сервиси.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски рече дека Фондот во изминатиот период потпишал договори со повеќе фирми, десеттина домашни правни субјекти кои развиваат иновации во делот на биотехнологиите и медицината.

– Зборуваме за средства од над милион евра кои државата ги вложува во развјни иновации во овој сектор. Верувам дека оваа соработка ја продлабочуваме и со Израел од каде може реално да донесеме иновативни методи и практики кои ќе се применуваат. Веќе работиме на идејата за реализација на научно-технолошки парк во Скопје. Едно од основните столбови на паркот ќе биде областа на биотехнологија и медицина. Очекувам дека во соработка со Министерството за здравство ќе продолжиме и натаму да вложуваме заедно со странски партнери во развојот на биотехнологијата и медицината, додаде Деспотовски.