Засега нема основани стравувања за ширење на корона вирусот во Македонија, бидејќи не постои ниту еден сомнителен случај. Ова го потенцира министерот за здравство Венко Филипче кој ја смирува јавноста и појаснува дека, според него, луѓето што дошле во земјава од Кина, се добри и нема никакви загрижувачки симптоми кои укажуваат дека е нарушена нивната здравствена состојба.
Според министерот Филипче, имаме доволно количини на заштитна опрема за медицинските лица, на располагање ни се околу 40.000 маски, заштитни мантили, скафандери и во секој момент се чекаат да пристигнат потребните реагенси за потребната анализа доколку затреба.
-Досега имавме договор со Србија доколку има потреба да се користат нивни реагенси и лаборатории – потсети Филипче.
Министерот најави дека на владина седница детално ќе образложи за подготвеноста на Македонија за заштита од корона вирусот.
-Владата ќе ја информирам за сите активности што се преземени, бидејќи деновиве правевме анализа со што располагаме, каква опрема и лекови имаме во сите здравствени институции кои би биле вклучени за заштита и лекување на пациенти што би биле заразени од корона вирусот – вели Филипче и дополнува дека сега за почеток има доволно резерви, но се подготвуваме и за ситуација доколку има повеќе заболени лица.
Заради порастот на заболени од сезонски грип министерот Филипче најави дека во наредните денови можно е да се ограничи бројот на движењата и посетите во болниците, особено на клиниките и болниците каде што лежат потешки случаи.
–Засега бројот на заболени во земјава од грип е вообичаена, но доколку го помине прагот не е исклучено да се забрани посета на болни во болниците – нагласи Филипче.
Досега во светот од корона вирусот се заразени над 20.000 луѓе, а над 425 лица починале, што само потврдува дека стапката на смртност од овој вирус е ниска и изнесува само 2 отсто.
(В.Ма.)