Зборувајќи за новото раководство, претседателот на СДСМ Венко Филипче, во интервју за 360 степени, посочи дека новото раководство е ширење на платформата со вклучување на луѓе коишто вредат во контекст на еден свој придонес во општеството.
Филипче посочи дека на изборот на новите членови на раководството им претходеле стотици средби со членството, со поранешни функционери, но и со поединци надвор од партијата.
„И членството и симпатизерите секако и граѓаните очекуваа да се донесат нови луѓе на раководните места во партијата, а со цел да се најдат добрите вистинските луѓе и тоа е процес што зема одредено време. Тој процес на подготовка подразбираше разговори со стотици и стотици наши членови и симпатизери, со луѓе коишто никогаш не влегле во политичката партија меѓутоа имаат добри намери имаат совети добронамерни, понатаму состаноци во општинските организации со цел да на површина излезат вистинските луѓе коишто можеби од некакви причини, некогаш легитимни некогаш поради некаква лутина биле тргнати на страна, а навистина вредат“ рече Филипче.
Лидерот на СДСМ порача дека ова е тим кој допрва ќе ја освојува политичката сцена во Македонија, додавајќи дека во партијата е вратена енергијата.
„На сегашните состаноци има присутни два до три пати повеќе луѓе отколку што тоа беше во предизборниот период. Јас бев во кампања гледав разговарав со нив се чувствува огромен ентузијазам и енергија со поставување на овие луѓе. Така што воопшто не сметам дека ова беше долго време, туку беше толку колку што беше потребно на површина да излезат најквалитетните коишто ќе добијат поддршка од своите општински организации“ посочи Филипче